Во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ денеска ќе се одржи конференцијата „Вложување во секое дете – поттикнување на човечкиот капитал, вработување на жените и инклузивен раст“. Како што е најавено, на конференцијата ќе се претстават клучните наоди од сеопфатната анализа на паричната помош за семејствата и децата, за да се иницира дијалог за реформи, со цел инвестирање во човечкиот капитал, поттикнување на вработувањето на жените и намалување на детската сиромаштија.
Воведни обраќања ќе имаат министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер.
-Децата кои растат во семејства со недоволни приходи за да ги задоволат основните потреби, имаат сериозно ограничени можности за соодветна исхрана, здравствена заштита и образование. Тоа негативно влијае на нивниот физички, когнитивен и социјален развој, и резултира со намален човечки капитал и пониска продуктивност кога ќе пораснат. Секое трето дете во земјата е изложено на ризик од сиромаштија – стапка која е речиси 50 проценти повисока од националната стапка на сиромаштија. Најпогодени се децата кои живеат во големи семејства, еднородителски и ромски семејства. Речиси секое второ такво семејство е во сиромаштија. Иако Македонија има релативно развиен систем на парична поддршка, тој не ги опфаќа соодветно сите деца и семејства кои се изложени на ризик од сиромаштија. Помалку од 19 проценти од домаќинствата во земјата добиваат парична поддршка наменета за деца и семејства, во споредба со просекот на ЕУ од 88 проценти. Дополнително, од 2019 година до денес, вредноста на детските додатоци се намалила за речиси 30 проценти во однос на минималната плата. Семејствата со четири или повеќе деца добиваат ист износ на детски и родителски додаток како и домаќинствата со три деца, и покрај значително повисоките трошоци. За секое дополнително дете гарантираната минимална помош се зголемува за само 10 проценти од основната вредност, што не е во согласност со најдобрите меѓународни практики кои препорачуваат зголемување од 30 проценти по дете. Дополнително, семејствата во кои еден возрасен формално ќе се вработи најчесто одеднаш ја губат целокупната парична поддршка. Тоа ги демотивира корисниците на социјална помош – особено жените – формално да се вработат, наведува Министерство за социјална политика во најавата за конферецијата.

Нагласува и дека. за да се инвестира во секое дете и да се поддржи вработувањето на жените, сè поголем број европски земји воведуваат универзален детски додаток.
-Ова е редовна парична поддршка што се обезбедува за секое дете, независно од приходите на домаќинството. Универзалните детски додатоци им овозможуваат на семејствата да инвестираат во здравјето, исхраната, образованието и благосостојба на децата, особено во критичните рани години од животот, кога повратот од вложувањата е највисок. Со намалување на детската сиромаштија и економската несигурност, универзалните детски додатоци придонесуваат за развој на човечкиот капитал и за долгорочната продуктивност на идната работна сила. Универзалните детски додатоци ги ублажуваат и бариерите за вработување на жените со обезбедување поддршка за одгледувањето деца, информира Министерството.
Учесници на конференцијата ќе бидат претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за економија и труд; Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална грижа, семејна грижа и демографија на Црна Гора; пратеници од собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, центри за социјална работа, Заводот за социјални дејности, Државниот завод за статистика, организации на граѓанското општество, високо-образовни институции, меѓународни финансиски институции и развојни партнери, како и пошироката јавност.
Предвидено е да бидат презентирани препораки и реформски опции за унапредување на системот на детска заштита, а завршно обраќање ќе има државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу. Според Министерството за социјална политика, дискусијата ќе помогне за насочување на тековните напори на Владата за зајакнување на социјалната заштита и подобро одговарање на потребите на децата.
