Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да утврди предлог за нов судија на Уставниот суд по оставката на професорот Гоце Наумовски.
На почетокот на декември, како што најавуваат од Уставниот суд, треба да се избира нов претседател бидејќи во јануари му истекува деветгодишниот мандат на актуелниот прв човек на судот, Дарко Костадиновски. Истовремено, му истекува и мандатот на уставниот судија Осман Кадриу.
Денешниот предлог за нов уставен судија доаѓа од Собранието, а за двете места што ќе бидат испразнети во јануари предлози за уставни судии треба да дојдат од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Уставниот суд, според нашиот Устав, има девет судии. Во актуелниот состав на Уставниот суд се Дарко Костадиновски, кој за негов претседател беше избран во јуни 2024 година, и судиите Насер Ајдари, Осман Кадриу, Добрила Кацарска, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и Мери Дика-Георгиевска.
Судиите ги избира Собранието со мандат од 9 години, без право на повторен избор. Претседателот се избира од редот на судиите за време од 3 години, исто така без право на повторен избор. Двајца судии предлага претседателот на Републиката, двајца предлага Судскиот совет (од редот на судиите), а другите се избираат на предлог на Собранието, при што за тројца судии е потребно и Бадентерово мнозинство. Уставните судии се избираат од редот на истакнати правници, а функцијата е неспојлива со друга јавна функција, професија или членство во политичка партија.

