Здравството е во фокус на Владата и конечно ќе почне реализацијата на проектите кои граѓаните ги чекаат со децении. Премиерот Мицкоски објаснува дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство ќе придонесе за решавање на проблемите околу нивната изградба која неколкупати беше откажана, запрена или на било кој начин во минатото се барале начини таа да не продолжи. Тој потенцира дека овие инфраструктурни проекти во здравството позитивно ќе завршат и дека Клиничкиот центар, медицинскиот факултет и студентскиот дом со 200 легла во Штип, болницата во Кичево и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово ќе се реализираат преку финансиската рамка од ова стратешко партнерство.
Стратешките партнерства, како она што утре ќе го склучи Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски во име на Македонија со Обединетото Кралство, за претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе бидат актуелни во наредниот период. Според неа, земјава мора да наоѓа начини како да го финансира развојот, па ова бил еден од начините да се направи тоа. Претседателката смета дека договори за вакви стратешки партнерства, Македонија треба да склучи и со други држави.
„Јас би сакала да имаме стратешко партнерство и со некои земји како Азербејџан и останатите. Ние не можеме да скокнеме во обновливи извори без транзиција која е врзана за гас, а мислам дека, се разбира, ние имаме многу научени лекции и предизвици за да внимаваме како ќе се однесуваме во склучувањето на договорите како дел од стратешкото партнерство, подвлече претседателката“ – вели Гордана Силјановска Давкова – претседателка на Македонија.

Стратешкиот договор со Обединетото Кралство „тежи“ 6 милијарди евра. Тој меѓу другото, вклучува инвестиции во железничка инфраструктура и во здравството. Првиот циклус инвестиции ќе биде во вредност од околу 2,3 милијарди евра. Брзата пруга на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија е првиот голем проект кој ќе биде реализиран, а ќе има огромни бенефити за македонското стопанство. Со брзина од 160 км на час, Македонија од граница до граница ќе се поминува за час и половина. Македонија овие финансии може да ги искористи кога сака, односно нема временска рамка. Министерката за финансии веќе рече дека каматата по која ќе се повлечат овие средства ќе биде на ниво на онаа по која земјава се задолжува кај меѓународните финансиски институции.
