Терористички чин- само вака може да се карактеризира нападот на контролори на летање на меѓународен аеродром и можно доведување на човечки животи во опасност. Вака дел од познавачите го оценуваат вчерашниот скандалозен напад на вработени во контролната кула на скопскиот Аеродром. Адвокатот Драган Пешевски за Алфа вели, дека со овие случувања во опасност биле доведени безбедноста и на луѓето, но и на државата.
-Во конкретниот случај имаме напад, извршен насилен напад на меѓународен аеродром и тоа во служба која што се грижи за безбедност на летови. И сето не може да биде оквалификувано никако другачје освен како терористички чин. Тука е загрозена безбедноста на граѓаните, загрозена е безбедноста на државата. Со самото тоа што се случило не сакам ни да помислам доколку настаните искочеле од контрола какви би можеле да бидат последниците, вели Пешевски.
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека станува збор за друго тешко кривично дело, а државните органи го паднале тестот, со оглед што веднаш по нападот не ги привеле насилниците, туку само испратиле покани да дојдат на разговор во полициска станица.

-Се работи за квалификуван облик на кривично дело насилство, односно насилство извршено спрема повеќе лице. А фактот дека се работи за кривично дело насилство спрема лица кои што го контролираат веројатно би се сметало како една сериозна отежителна околност при евентуално изрекување на казна. Пребенигна е реакцијата на државните органи на прогон, односно се само повикани, не се ни апсени, ни лишени од слобода, со обична покана се повикувани насилниците, вели Митровски за Алфа.
Млаката реакција на надлежните е голем проблем и според Пешевски. Вели може да се сфати и како државата на еден начин да го одобрува она што се случи во М НАВ.
-За вакво нешто што е сторено, односно влезено во аеродромска служба која што е обезбедувана дупло, односно со два влеза на обезбедување и те како треба да има ригорозна постапка. Секоја млака реакција е одобрување на државата на ваквите чинови, вели Пешевски.
Покрај пожестока реакција од надлежните, според Митровски можеби требало веднаш да биде определена и мерка за обезбедување присуство за насилниците, со оглед на тоа што за еден од нив во јавноста се појавија информации дека и претходно учествувал во насилство, токму во македонската авијација, кога бил дел од Управниот одбор.
-Со оглед на фактот дека има информации во јавноста дека за некои од лицата не е прв пат истото дело да го прават, што значи дека се специјални повратници, иако дискутабилно е за тоа што во минатото не се бунети, што во нашата држава е разбирливо. Веројатно требаше да се оди со малку построги мерки, затоа што вака се остава можност можност особено да го повторат делото, бидејќи се гледа една слобода кај нив да буквално прават што сакаат и никој да не им застанува на патот, вели Митровски.
Инаку, меѓу вклучените во скандалозниот инцидент е и поранешниот министер за екомонија Беким Незири, кој е вработен во М НАВ и според она што е познато, со својата картичка го отворил паркингот за насилниците непречено да влезат во контролната кула на скопскиот аеродром.
Матеја Петровски
