Вработени на јавната установа Национален парк „Пелистер“ и локалното население од селото Маловишта продолжија со поставување на монтажен мониторинг објект над селото Маловишта, кај Свети Спас на 1920 метри надморска височина, локација од каде може да се набљудува Преспанско Езеро.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ информираа дека завршена е втората фаза на уредување, ќе следи трета фаза и предвидениот монтажен објект ќе биде во целосна функција.

-Вработените од ЈУ НП „Пелистер“ заедно со локалното население низ активна соработка реализираат низа на активности со цел подобрување на инфраструктурата во рамки на паркот. Инфраструктурата од овој тип подеднакво е важна за сите посетители, но и за активности поврзани со она што е примарна дејност на НП „Пелистер“ во делот на заштита на природа и мониторинг на видови, соопштија од јавната установа.

Вработените од ЈУ Национален парк „Пелистер“ во изминатиов период поставуваа опрема и уредување на локации во селата Трново, Магарево, Арвати и други потенцијални места за екотуризам.

