Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) е едногласно избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија на денешната седница на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Тронот на Дебарско-кичевската епархија беше упразнет по упокојувањето на Митрополит Тимотеј во ноември минатата година.
-Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!, истакна епископот Климент.

Наречението на новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
