Две третини од испитаниците сметаат дека надлежните институции ефикасно се справиле со последиците од трагедијата во Кочани. Од друга страна, 35,3% од анкетираните оценуваат дека институциите реагирале неефикасно.
Особено е висок процентот на граѓани кои позитивно ја оценуваат реакцијата на здравствените власти. Повеќе од 70% од испитаниците сметаат дека здравствените служби успешно се справиле со големиот број повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март во Кочани, додека 21,8% изразиле незадоволство.

И во однос на истрагата за трагедијата, која ја водат МВР и обвинителството, јавноста има претежно позитивно мислење – 53,1% од испитаниците сметаат дека институциите брзо и ефикасно ја спроведуваат истрагата. Негативно се изјасниле 32,8% од анкетираните.

Што се однесува до борбата против организираниот криминал, најголем дел од испитаниците забележуваат активности. Повеќе од 60% од анкетираните сметаат дека борбата е интензивна и континуирана, но дека сепак се потребни уште поголеми напори. Негативно мислење за ова прашање дале 23,2% од испитаниците.

Истражувањето е спроведено од 20 март до 17 април преку CATI методологија (телефонско анкетирање со помош на компјутер), врз репрезентативен примерок од 1.200 испитаници. Статистичката грешка изнесува ±3%, а интервалот на доверба е 95%. Примерокот е усогласен според регион, пол, возраст и етничка припадност согласно податоците од пописот на резидентното население во 2021 година.
