По повод Меѓународниот ден на учителот – 5 Октомври, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска им додели признанија на професори што во изминатата година се истакнале со својата работа, посветеност и вложување во професионалниот развој.
Како што соопшти Град Скопје, градоначалникот истакна дека вредноста на наставничката професија живее во генерациите што излегуваат од училишните клупи и во сето добро што тие го создаваат.
– Секој од нас памети барем еден свој учител. Некој што го препознал нашиот талент, што имал трпение за нашите грешки и верувал во нас тогаш кога самите сме се сомневале. Некој чие „ти можеш“ ни дало храброст да направиме важен чекор во животот. Да се биде учител, значи да се остави трага во нечие растење, во нечии соништа и во нечии успеси. Тоа е професија чија вредност живее во генерациите што излегуваат од училишните клупи и во сето добро што тие го создаваат. Зад нивните признанија стојат часови подготовка, постојано усовршување и искрена желба секој ученик да добие поквалитетно образование и можност да го покаже најдоброто од себе. На сите наградени им честитам од срце. Вашето знаење станува можност за младите, вашата посветеност е нивна инспирација, а вашиот личен пример ги учи што значи да се работи чесно, одговорно и со љубов – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи и дека Град Скопје продолжува со поддршката за работата на професорите со конкретни дела, како и со вложувањето во образованието и во подобри услови за настава, затоа што, рече, „сакаме училишта во кои учениците ќе доаѓаат со желба да учат, а наставниците ќе ја имаат поддршката што ја заслужуваат“.
– Во вашите училници расте иднината на Македонија. А во секој успех на вашите ученици засекогаш останува и дел од вас. Нека ви е честит денот – истакна Ѓорѓиевски заблагодарувајќи им се на учителите, наставниците, професорите и на стручните соработници „за секое пренесено знаење, за секој охрабрен ученик и за секоја вредност што ја всадуваат во младите“.

