– Затворениот базен, автобуската станица, туристичката сезона и домот за стари лица беа меѓу темите за кои денеска пред медиумите брифираше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Во однос на затворениот базен, Пецаков рече дека во изминатиот период се работело на решавање на повеќе прашања поврзани со проектот, а најголем дел од измените се однесуваат на машинското одделение на објектот.
– Се решаваат доста работи околу самиот проект. Најголемиот проблем беше во машинското одделение, односно начинот на кој објектот ќе се снабдува со топла вода, но и потрошувачката на електрична енергија, рече Пецаков.
Тој посочи дека тендерската документација за изградбата била подготвувана во 2014 и 2015 година, кога цените биле значително различни од денешните, што, како што рече, било една од причините за застојот на проектот.
Пецаков информира дека сега се прават измени за поголема енергетска ефикасност и оти се разговара со потенцијални изведувачи.
– Кога ќе се отвори тендерската документација, кога ќе добиеме и конечниот рок, не би сакал да врзуваме нешто само на перцепција и на она што можам да го видам, но до сега не би требало да биде повеќе од година и пол, максимум две, рече Пецаков.
Инаку, Владата на вчерашната редовна седница ја усвои точката со која се овозможува продолжување и завршување на изградбата на затворениот базен во Охрид, за што се обезбедени 470 милиони денари.
Во однос на туристичката сезона, градоначлникот информира[е дека според податоците со кои располага, до крајот на јули Охрид го посетиле околу 35 илјади туристи повеќе споредбено со истиот период минатата година. Тој најави дека по добивањето на целосните податоци ќе бидат презентирани детални информации за туристичката сезона и остварените резултати.
Во врска со автобуската станица, Пецаков рече дека објектот во моментот не функционира во целост, но дека градот никако нема да остане без таков објект.
– Тоа е еден од проектите со слична судбина како базенот, болницата „Св. Еразмо“, автопатот и другите проекти кои со години стоеја, рече Пецаков.
Тој појасни дека земјиштето било продадено пред многу години со намена за автобуска станица и трговски центар, но компанијата што ја започнала изградбата подоцна пропаднала поради неплатени и доспеани долгови. Имотот потоа бил преземен од банката и продаден.
Пецаков појасни дека досега до Општина Охрид не била доставена документација за промена на намената на дел од просторот.
Во однос на можноста за изградба на нова автобуска станица, тој рече дека урбанистичкиот план во кој е предвидена автобуска станица на една од локациите што ги поседува „Галеб“ е започнат пред повеќе години.
– Во урбанистичкиот план на една од локациите што „Галеб“ ги поседува како имот е предвидено да се изгради автобуска станица, рече Пецаков.
Тој додаде дека за можноста за изградба на нова автобуска станица ќе треба да се следи процесот и да се почека неговото завршување, при што конечниот збор го има Министерството за транспорт.
– Да почекаме да се одвива процесот нормално и да стигне до некоја завршна фаза за да можеме и ние како Општина да имаме став, рече Пецаков.
Во врска со домот за стари лица што веќе е изграден во населбата Даљан, тој рече дека Општина Охрид и државата го поддржале проектот, меѓу другото и преку субвенционирање на комуналиите.
– Тоа е објект кој е навистина потребен, не само за Охрид, туку и за регионот. Капацитетот, изгледот, опременоста и современите услови го прават, би рекол, едно од подобрите нешта во Македонија во овој момент, рече Пецаков.
Тој информира дека Општината годинава го уредила земјиштето и обезбедила приклучоци за електрична енергија, канализација и вода, со што се создадени потребните инфраструктурни услови за објектот.
Пецаков посочи дека објектот, покрај сместувачкиот капацитет за грижа за старите лица, има можност и за болница во рамки на дозволените компатибилни намени.
– Инвеститорите разгледуваат различни варијанти во кои и ние како град нормално имаме интерес да бидеме вклучени, за сето тоа побрзо да биде ставено во функција. Очекуваме во наредните месеци да има некаква разврска и да имаме и предвиден датум за почеток, рече Пецаков.
Во врска со објавената снимка од градежни активности на плажата на потегот по Студенчишкиот канал, Пецаков информира дека инспекторатот излегол на терен и извршил увид.
Тој посочи дека по добивањето на записникот од инспекцискиот надзор и утврдената фактичка состојба на лице место, Општината ќе може поконкретно да информира што се гради и дали за активностите постои соодветна документација.

