Во рамки на циклусот теренски посети на сите месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска заедно со општинските раководители оствари посета и работна средба со жителите на урбаната заедница населба Драчево.
На средбата, како што информираат од Општина Кисела Вода, било направено пресек на досегашните инфраструктурни зафати и капитални инвестиции. Присутните ги поздравиле реконструкциите на мостот на улицата „Киро Фетак“ и булеварот „Борис Трајковски“ кој поминува над Маркова Река. Позитивни реакции биле изразени и за изградбата на новиот објект за месната заедница за населба Драчево, кој се наоѓа во својата завршна фаза и наскоро ќе биде целосно ставен во функција на сите жители.

Вториот дел од разговорот бил посветен на мапирање на новите потреби на населението. Жителите побарале интервенција за кастрење на дрвјата по должината на улицата „Иван Хаџи Николов“, како и поставување на дополнителни контејнери за отпад на улицата „Живко Фирфов“. Како сериозен проблем било посочено непрописното паркирање на тротоарите, особено на улицата „Иван Хаџи Николов“, за што граѓаните побарале општината да интервенира до МВР за воведување засилени контроли. Дополнително, било побарано истакнување и обновување на пешачките премини низ населбата, како и конечно решавање на проблемот со одводот на малиот преостанат крак од улицата „Малешевска“ и „Малешевска 1“.
Од општинската прес-служба посочуваат дека стручните служби на Општина Кисела Вода ги забележале сите изложени барања со цел нивно вметнување во програмите за работа и ефикасно решавање. Од Општина Кисела Вода најавуваат дека овој циклус на интензивни теренски посети продолжува и понатаму, со цел да бидат опфатени сите месни и урбани заедници во општината.

