Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пред членовите на Комисијата се Извештајот на Судски буџетски совет за реализација на Судскиот буџет за 2025 година и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2025 година.
Во Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Македонија за 2025 година се посочува дека во текот на ланската година во Советот примени се нови 90 барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност со кои се опфатени 161 судија (едно барање се однесува на повеќе судии). По секое поднесено барање оформени се предмети по кои постапува Комисија за известители составена од три члена од редот на членовите на Советот избрани по пат на ждребање.
Во 2025 година Советот постапувал по 425 претставки од кои по 13 претставки е донесена одлука дека се основани, а останатите се отфрлени како неосновани. Како основ за поднесување на претставките, согласно спроведените анализи, се констатира дека од вкупниот број на претставки по кои расправал Советот најголем е бројот на претставки во кои се изразува незадоволство од донесена одлука – жалбени наводи, дел од претставките се поради одолговлекување на судските постапки, непочитување на законски рокови за преземање на процесни дејствија.
Согласно годишните извештаи за работата на судовите во 2025 година на ниво на државата, судовите месец јануари 2025 година го почнале со нерешени 134.729 предмети, примале во работа нови 540.122 предмети, имале вкупно во работа 674.851 предмети. Од нив, решени се 540.241 предмети, а останале нерешени 134.610 предмети. Погрешно заведени предмети во 2025 година има 217 предмети.

