Претставници на општините, државните институции и меѓународните организации денеска и утре во Струга ќе учествуваат на Годишниот состанок на мрежата „Making Cities Resilient 2030“ (MCR2030), посветен на зајакнување на локалните капацитети за намалување на ризиците од катастрофи и градење поотпорни заедници.
Настанот, во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), ќе овозможи размена на искуства и добри практики меѓу општините и институциите вклучени во управувањето со ризици и кризни состојби.
На отворањето се најавени обраќања на директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Италија во Северна Македонија Морено Зела и програмскиот службеник на Канцеларијата на Обединетите нации за намалување на ризици од катастрофи (UNDRR), Милош Губиќ.
Состанокот се организира во рамките на проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка и капацитетите за намалување на ризици од катастрофи и системи за рано предупредување во Западен Балкан“ во рамки на иницијативата „Отпорен Западен Балкан“.

