Зголемената финансиска поддршка од Владата за општините овозможува реализација на инфраструктурни проекти, подобрување на локалната инфраструктура и поефикасно решавање на потребите на граѓаните, истакнал градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на денешната средба со делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.
На средбата, како што соопштија од одделението за односи со јавност на Град Скопје, на која присуствувале коизвестувачите на Конгресот Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија, како и експерти и претставници на Секретаријатот на Конгресот, било разговарано за напредокот на локалната самоуправа, јакнењето на општините и заедничките чекори за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.
Ѓорѓиевски ја нагласил и унапредената соработка со министерствата, како и новиот Меморандум меѓу Владата и ЗЕЛС, оценувајќи дека тие претставуваат добра основа за понатамошна децентрализација, финансиско зајакнување на општините и поефикасна локална администрација.
Според него, успехот на соработката меѓу централната и локалната власт треба да се мери преку конкретните придобивки што ги чувствуваат граѓаните, како подобри услуги, уредена инфраструктура и подостапна општинска администрација.
На средбата било посочено и дека делегацијата на Советот на Европа го препознала ЗЕЛС како силна и обединета организација која успешно ги застапува интересите на локалните власти.

