Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски попладнево објави на Фејсбук за целосна реконструкција на Жена парк – „Борец“.
– Во срцето на нашето Скопје, Жена парк е едно од оние места каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат. Место за одмор од градското секојдневие, за средби и прошетки, кое заслужува да биде уредено и негувано, со внимание кон секој детал. Токму затоа, во тек е неговата целосна реконструкција – напиша Ѓорѓиевски.
Тој сподели дека градежните активности опфаќаат замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, како што додаде – ќе му дадат поубав и поблагороден изглед на просторот, во склад со неговото значење и местоположба.

– Истовремено, ја реставрираме постојната урбана опрема и со дополнително хортикултурно уредување ја збогатуваме зелената слика на паркот. Претходно, го вративме Вечниот оган кај фонтаната, кој во минатото не беше во функција. Грижата за Скопје е наш приоритет и секојдневна одговорност. Продолжуваме со обновување и редовно одржување на постојните паркови, но и со подигнување нови зелени површини, за повеќе простор за одмор, дружење и уживање за сите генерации. Скопје заслужува грижа што се гледа и се чувствува. Заедно му ја враќаме убавината – додаде скопскиот градоначалник во објавата.

