Реклама
Македонија

Гаши: Проширувањето да остане процес базиран на заслуги, но да не биде попречен од краткорочни политички пресметки

Проширувањето треба да остане процес базиран на заслуги, но да не биде…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Проширувањето треба да остане процес базиран на заслуги, но да не биде попречен од краткорочни политички пресметки. Aко стандардите се исти, тогаш и третманот треба да биде ист – истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, на меѓународната конференција „Западен Балкан во вителот на новата геополитика на безбедноста“, во рамките на третиот меѓународен состанок на пријателите на Западен Балкан во Љубљана, организирана од Nizami Ganjavi International Center.

– Да бидеме искрени дека земјите од Западен Балкан денес се во многу аспекти подобро подготвени од некои земји што се зачленија во претходните бранови на проширувањето. Оваа реалност заслужува да се препознае во политичкото одлучување и да се одрази во пофер пристап. Во овој случај Западен Балкан не е периферија што треба да се остави да чека, туку дел од Европа што се стреми да се комплетира – рече Гаши.

Тој верува дека похрабaр пристап би бил непосредната интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како заеднички пакет.

Реклама

– Колку побргу станеме дел од ЕУ, толку побргу ќе се консолидираат демократските стандарди, ќе се зајакне владеењето на правото и ќе се решат билатералните прашања, кои во моментот го попречуваат напредокот. Историјата на самите европски земји покажа дека интеграцијата е најефикасниот инструмент за помирување и стабилност – рече Гаши.

Во обраќањето претседателот на Собранието ја нагласи стратешката важност од проширувањето на Европската Унија, како и посветеноста на нашата држава на унапредување на реформската агенда и евро-атлантската интеграција.

Тој потенцира дека во време кога нашиот континент се соочува со сложени геополитички предизвици, дискусијата за проширувањето на Европската Унија оди подалеку од прашањето за европската иднина. Денес, како што рече, повеќе од кога било, проширувањето претставува доказ за политичкиот карактер на Европа.

– Македонија од својата независност во 1991 година јасно ја дефинира својата стратешка ориентација кон евро-атлантската интеграција. Оваа политичка цел не е случаен избор, туку е длабоко врежана во темелите на нашата државност. Како широк општествен и институционален консензус, таа преживеа политички промени, внатрешни предизвици и надворешни пречки, секогаш останувајќи наш стратешки компас и израз на нашата граѓанска аспирација – рече Гаши. 

Сепак, додаде тој, нашиот пат во оваа насока не беше линеарен и беше проследен со искушенија, кои честопати ги надминуваа самата логика и критериумите на процесот за членство.

– Како што знаете, билатералните прашања оставија длабоки траги во темпото на нашата интеграција. И, сепак, ние избравме дијалог наспроти конфликтот и компромис наспроти стагнацијата – рече тој.

Надвор од предизвиците, посочи претседателот на Собранието, покажавме политичка волја и ретка храброст за решавање на тешките спорови, вклучувајќи го и историскиот компромис со Грција преку преспанскиот договор, како и сегашните напори за надминување на предизвиците со Бугарија.

– Големиот компромис со промената на името на државата беше чин на политичката одговорност и зрелост. Тоа беше редок момент кога политиката даде приоритет на иднината пред минатото. Тој чин требаше да послужи како модел за регионот, како доказ дека дијалогот и политичката зрелост може да ги решат дури и најсложените прашања. Но ако овие напори не се наградени со конкретен напредок во интеграцијата или со фер одговор, тогаш се поставува легитимно прашање: каква порака им испраќаме на другите земји во регионот? Дали политичката храброст навистина се наградува? – потенцира Гаши. 

Претседателот на Собранието во своето обраќање рече дека денес се соочуваме со двоен предизвик: од една страна, замор од проширување во рамките на Европската Унија, а замор од стагнација кај земјите кандидати, од друга.

– Овој јаз во кредибилитетот ризикува да создаде „постојана чекалница“, што не само што ги обесхрабрува реформите туку и ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект; што за мене е поопасно – нагласи тој. 

Во овој контекст, посочи дека е „важно да се биде искрен за две прашања: Дали ЕУ навистина сака проширување? И колку е вистинската волја на земјите членки за проширување?“

– Можеби, надвор од декларациите, време е да се постават подиректни прашања. Не само колку напреднале земјите кандидати во процесот, туку и колку е ЕУ способна да се справи со својата подготвеност да ги прифати? Бидејќи проширувањето во суштина е договор за доверба што бара одговорност и храброст од двете страни – рече тој. 

Според него, неоспорна стана и геополитичката димензија на проширувањето.

– Во свет во кој влијанието на главните глобални актери расте, Западен Балкан не може да остане сива зона. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа се директно поврзани со целосната интеграција на овој регион – рече Гаши. 

Вистина е, вели претседателот на Собранието, дека нашите предизвици како земји кандидати се реални и добро познати: владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на институциите, слободата на медиумите.

– Но исто така е вистина дека овие реформи не може да преживеат во вакуум на надежта. Реформите имаат потреба од кредибилитет, а тој се гради кога трудот и напорот се наградуваат – рече Гаши.

Како што соопшти собраниската прес-служба, настанот се одржува во присуство на истакнати политички и институционални личности од Европа, регионот и пошироко, вклучувајќи поранешни шефови на држави, високи претставници на ЕУ, како и специјални пратеници за Западен Балкан.