Децентрализацијата е важен демократски принцип кој овозможува одлуките што непосредно ги засегаат граѓаните да се носат на локално ниво, во согласност со потребите и специфичностите на локалните заедници, истакнал претседателот на Собранието Африм Гаши на средба со делегација на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа.
На средбата, како што соопшти собраниската служба за информирање, на која присуствувале и претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска и потпретседателот на Комисијата за локална самоуправа Пеце Милевски, како и коизвестувачите за локална демократија Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија, било разговарано за спроведувањето на Европската повелба за локална самоуправа и за почитувањето на човековите права и владеењето на правото на локално ниво.
Гаши посочил дека децентрализацијата е еден од клучните аспекти на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, со кој беше предвидено зајакнување на локалната самоуправа и поголемо учество на граѓаните и заедниците во процесите на локално одлучување.
Соговорниците разговарале и за независноста на локалните власти, процесот на децентрализација, финансиската автономија на општините и надлежностите на градоначалниците и општинските совети.
На средбата биле отворени и прашањата поврзани со финансиската одржливост на општините, заштитата на животната средина, демографските промени и административните и институционалните капацитети на локалната самоуправа, како и можностите за нејзино натамошно унапредување.

