Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека состојбата со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи не е резултат на технички проблем или застој во системот на Фондот.
Според податоците евидентирани во системот, во Министерството за внатрешни работи се регистрирани вработени кои се вратени на работа врз основа на судски одлуки. За дел од овие лица во моментот не е евидентирана соодветна уплата на придонесите за здравствено осигурување за периодот за кој се пријавени. Станува збор за системски воспоставен механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти во државата. Пријавувањето на вработените, пресметката и уплатата на придонесите се процеси поврзани со системот за наплата на придонесите преку Управата за јавни приходи, додека Фондот го евидентира статусот врз основа на податоците за извршената уплата, информираат од Фондот.
-Во вакви случаи, кога кај правен субјект дополнително се пријавуваат вработени за претходен период, потребно е да се изврши соодветна корекција на пресметката на плата за тој период и да се доплатат придонесите и за дополнително пријавените лица. По евидентирањето на уплатата, здравственото осигурување се активира автоматски. Оттука, не станува збор за поединечна административна одлука на Фондот, ниту за рачно исклучување на осигурениците од страна на вработените во ФЗО. Процесот е системски и автоматизиран и истите правила важат за сите работодавачи и институции без исклучок, посочуваат од Фондот и додаваат дека во минатото се соочиле со идентична ситуација кај сопствените вработени, што дополнително потврдува дека механизмот се применува еднакво за секој правен субјект.

Кај институции со голем број вработени, како што е Министерството за внатрешни работи, појаснуваат од Фондот, дополнителното пријавување лица по основ на судски одлуки може да има поширок ефект доколку навремено не се изврши потребната корекција и уплата на придонесите.
Во моментов, како што се потенцира, претставници на Фондот и на Министерството за внатрешни работи се во директна координација за спроведување на потребните постапки и надминување на состојбата во најкраток можен рок.
Од Фондот наведуваат дека ги ставиле на располагање сите потребни податоци и стручна поддршка во рамките на своите надлежности и апелираат до сите институции и работодавачи, при враќање или дополнително пријавување вработени за претходен период, особено врз основа на судски одлуки, паралелно и навремено да ги спроведат потребните корекции на пресметката и уплатата на придонесите.
-На тој начин ќе се избегнат ситуации во кои привремено може да биде засегнат статусот на здравственото осигурување и на останатите вработени, додаваат од Фондот и апелираат тоа прашање да не се политизира и да не се создава непотребна загриженост кај осигурениците, бидејќи станува збор за јасно утврдена системска постапка која подеднакво важи за сите правни субјекти, а по евидентирањето на потребната уплата здравственото осигурување автоматски се активира.

