По четврти пат, публиката преку филмскиот фестивал „Преку езерото“ ја споделува радоста, возбудувањата, солзите и смеата предизвикани од уметноста на подвижните слики – кинематографијата. Покрај брегот на прекрасното езеро во Дојран, Фестивалот кој од година во година е со се побогата програма и нуди истовремено да ги доживееме блескавите ѕвезди на небото и блескавите ѕвезди на платното. Вчеравечер официјално беше отворен со доделувањето на единствената награда „Мето Јовановски“,за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, која заврши во рацете на Лазар Ристовски.
„Маестро на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерство, но и со своите човечки достигнувања, остави длабока трага во светот на филмот, поттикнувајќи ги соништата на илјадници деца, тинејџери, студенти, а потоа и илјадници филмаџии, како и пошироките балкански и медитерански светови на сонот. Тој создава свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се гради свет на идеали — свет што треба да се чува и да се негува, бидејќи токму тој е причината да постоиме и да ги претвораме своите соништа во подвижни слики“ рече Јани Бојаџи, Директор на Фестивалот „Преку езерото“.
Раковoдството на фестивалот, се одлучи наградата да му биде доделена на Лазар Ристовски – глумецот кој играл во над 4.000 театарски претстави и глумел во 73 филмови и тв-серии.

„Јас сум среќен што сум тука вечерва, срцето ми е полно. Ја чувствувам вашата љубов вечерва и верувајте ми дека и јас ви ја враќам искрено и на ист начин — со полно срце. Ви благодарам и за овој прекрасен пречек, за големите аплаузи; за еден актер аплаузите се многу важни, затоа искрено ви благодарам за сè вечерва. Ми е драго што ја добив оваа награда што го носи името на големиот глумец, големиот македонски глумец Мето Јовановски и му благодарам и нему, што на еден симболичен начин вечерва е со нас“, рече Лазар Ристовски, Лауреат на наградата „Мето Јовановски“.
Традиционално, 4 година по ред, фестивалот официјално го отвори првиот човек на општина Дојран, Анго Ангов.
„Секоја чест Јани, затоа што знам дека овој фестивал не само што ќе отстои ова, овој фестивал и ќе продолжи да расте затоа што секогаш тоа што се прави со лјубов, успева. А тоа е така и знам дека ќе биде. Да ви посакам само да уживате овие денови во прекрасните филми кои што ќе бидат презентирани и официално овој фестивал го прогласувам за отворен“ рече Ангов, градоначалник на Општина Дојран .
Амбицијата на организаторите е секоја година „Преку езерот“ да расте и да се етаблира на мапата на културни настани во Македонија како еден од најважните летни фестивали.
„Филмските фестивали, од одредена перспектива, претставуваат добро осмислена културна акција која може да донесе посакувани резултати, особено на среден или долгорочен план. Тоа е нешто што со сигурност можам да го потврдам и како главна определба на фестивалот преку езерото. Во изминатите четири години создаваме фестивал со единствена цел – да биде привлечен за публиката, при што суштинската моќ се темели на меѓусебната доверба на сите чинители вклучени во неговата реализација“ рече Мими Ѓорговска Илиевска, претседателка на Советот на „Преку езерото“.
Во официјалната натпреварувачка програма беа прикажани филмот: „Нa крајот на летото“, француските „Должна човечност“, „Растојанието помеѓу нас“ и „Бланш“ како и египетскиот „Затемнување“.
