Реклама
Македонија

Филипче со месеци лажеше за мигрантските кампови – демантот од британската амбасада ја урна приказната на СДСМ, вели Мицкоски

Демант од британската дипломатија и крај на лажната кампања на СДСМ за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Демант од британската дипломатија и крај на лажната кампања на СДСМ за примањето мигранти. Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено јасно кажа дека таков договор не постои и никогаш не постоел. По изјавата, Премиерот Мицкоски вели дека паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста. Сега, според него, граѓаните конечно увидоа дека се работи за манипулација од страна на опозицијата.

„Упорно и без трошка совест се создаваше впечаток дека Владата нешто крие од граѓаните. Се ширеше страв дека Македонија ќе станела камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден. Се повторуваше на прес-конференции. Се повторуваше во изјави. Се повторуваше како да е факт. Дури и најавуваа протести. Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија. Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел. Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти. Фактите се јасни“ – вели Мицкоски.

Мицкоски вели дека се работи за  длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој тој континуирано го повторува. Прво обвинува, за кога фактите тоа ќе го демантираат, да нема ниаква одговорност, ниту извинување за кажаното и потенцијалната штета што ваквите тврдења можат да ја предизвикаат.

Реклама

„Со месеци се пласираше приказна без ниту еден документ. Без ниту еден доказ. Без ниту една официјална потврда. Имаше само шпекулации. Имаше само сензационализам. И имаше политичка желба да се создаде паника кај граѓаните. Денес, кога вистината е јасна и кога демантот дојде, станува очигледно дека јавноста била изложена на една безобразна политичка конструкција во низа“ – вели Мицкоски.

И покрај демантот лично од британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон, СДСМ и денеска се обидува да добие политички поени на тема мигранти. Од партијата соопштуваат дека одамна се знае тактиката за замена „мигранти за пари“ која се реализира преку „економски работници“.  СДСМ тврди дека доказ за тоа има и во Британија. Инаку целата медиумска врева околу примањето мигранти од Британија во Македонија, опозицијата ја покрена откако двете земји склучија договор за стратешко партнерство. Тој предвидува можност за инвестиции од најмалку 6 милијарди евра во крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба на брзата пруга, здравствени центри во неколку градови, енергетика, транспорт и други области.