Напад врз демократијатра и правото на слобода на секој човек, ќе има одговорност за оние кои нелегално следеле и прислушувале, кои удриле врз темелите на државата, порача премиерот по избивањето на скандалот дека во минатите години нелегално биле следени лидер на опозицијата, опозициска партија, новинари, медиуми и други јавни личности. Според Христијан Мицкоски одговорност мора да има, бидејќи ова не е напад само врз него, туку и кон секој друг.
-Нема да има селективна правда, ќе има одговорност, ќе има правна разрешница, народот предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши, токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор, затоа што таму кај што има светлина нема простор за сенки, изјави Мицкоски.
Поранешниот директор на АНБ, реши да се брани на социјалните мрежи. Според Виктор Димовски Христијан Мицкоски не бил следен, но не демантираше дека биле прислушувани новинари и јавни обвинители. Призна дека во негово време бил следен пратеник, но тврди дека за тоа имало основа.

-Одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки, порача Димовски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче реши да застане во одбрана на Димовски, кој неговата партија го постави за директор на АНБ. Обвинителството требало да истражи, но му верувал на поранешниот директор.
-Обвинетлството треба што побрзо да ја расчисти оваа работа, еве и поранешниот директор Виктор Димовски повика да се расчисти работата, да се декласифицирааат информациите, значи мора да се знае што точно се случило, па после да судиме како било, имало ли реформа, немало реформа. Јас лично му верувам на Виктор Димовски, но едно е што јас мислам лично, а друго е што ќе покажат информациите, изјави Филипче.
Во периодот од 2019-та до 2024-та, за кои постои сомнеж за нелегално следење и прислушување покрај Виктор Димовски, директор на АНБ беше и Зарко Милошевски.
Мицкоски уште лани во декември предупреди за време на техничката Влада во 2020-та година, тој, но и неговата сопруга и двата сина биле следени во чекор, а како причина било наведено дека бил инспиратор и финансиер на параполициска воена формација составена од радикални националисти.
Матеја Петровски

