Билал Касами, првиот човек на БЕСА, тргна и против своите партнери од Вреди, со неговата изјава односно повик за гласање во вториот круг за скандалозниот кандидат на ДУИ за градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари. Според дел од аналитичарите, Касами, кој по јасната порака од премиерот Христијан Мицкоски, ретерираше од кажаното – сепак покажа несогласување со другите од “Вреди”. Касами подоцна се переше дека неговиот став е ист со оној на коалицијата, која отворено порача дека контроверзниот Дехари треба сам да се повлече. Според политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи, кандидатот за градоначалник на Тетово ја бутка својата БЕСА кон опозиција.
“Јас мислам дека Билал Касами има големи разлики, имајќи превид дека Фатмир Лимани во Кичево нема да го поддржува кандидатот на ДУИ. Мислам дека Касами сака да го прави истиот филм како во 2020 и 2021 година, односно во 2020 ако се сеќаваме влезе со СДСМ, и втор круг исто со СДСМ.Но откога ја доби општината се тргна од Владата и затоа мислам дека истиот филм ќе го прави и сега откако ќе го освои Тетово имајќи предвид дека има и две други општини во пологот и со тоа ќе се наметнува како албански лидер во иднина и после ова тешко е дека ќе ги има таквите позиции кои ги имаше во Владата” изјави Љуљзим Фаризи – политички аналитичар.
Од „Вреди“ ги демантираа шпекулациите и изјавата на Касами, кој го повика гласачкото тело од албанската заедница да гласа за кандидатот на ДУИ, Дехари, во Кичево. Од коалицијата порачаа дека нема да дадат поддршка на кандидат кој, како што велат, има „голема дамка“ алудирајќи на неговиот скандал. Според Фаризи на Влен треба да им биде јасно или ќе сооработуваат со ВМРО ДПМНЕ или ќе одат во опозиција.

“ВРЕДИ треба да игра фер плеј и треба да им е јасно или ќе соработуваат со ВМРО ДПМНЕ како коалициони партнери или сакаат да одат во опозиција трето нема. Така што барањето на повлекување на кадидатот на ДУИ во Кичево мислам дека е нон сенс и тоа е демоде за политичката сцена во Македонија, бидејќи граѓаните јасно знаат кој со кого соработува и кој треба да го поддржува” вели Фаризи.
Претседателот на владата Мицкоски, го предупреди Касами но и целата коалициија, дека за стабилна власт со нив потребно е единство околу заеднички вредности, а не поделби по етничка или идеолошка линија.
Мицкоски со опомена дека сите политичари што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто од политиката, треба да научат од примерот и од падот на ДУИ. Во спротивно порача Мицкоски, нема разлика помеѓу таквите и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат.
“И тоа е добра лекција и за некои други политичари на македонската политичка сцена кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат”, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата на Касами ја осудија од Сојузот на борци од Народнослободителната и антифашистичка војна на Македонијаи од Тетово. Преку соопштение порачаа дека вакви ставови и изјави придонесуваат за етничка нетрпеливост и раздор, и се насочени кон загрозување на територијалниот интегритет и унитарноста на државата.
