Македонија имала најниско ниво на цени на храна, пијалоци, тутун, мебел, транспорт, хотели и ресторани. Европската статистичка служба Евростат, потврди дека меѓу 36 држави во Европа, македонските граѓани трошеле најмалку за оваа намена. Резултатите во јунската анализа се базираат на паритетот на куповната моќ и цени на над две илјади стоки и услуги за широка потрошувачка. Цените на храната и безалкохолните пијалаци во Македонија биле најевтини, односно цените биле пониски за 26,6% од просекот на Европската Унија. По Македонија најниски цени на храна и безалкохолни пијалаци има Турција, а оваа земја има и најевтина облека, додека Македонија е втора со речиси 22% пониски цени од европскиот просек. Во Македонија се јаде и најевтина риба, а во земјава, во Полска и Словачка се продаваат најевтини млеко, сирење и јајца.
„Најевтини земји од сите 36 беа Македонија за храна и безалкохолни пијалоци, Италија за алкохолни пијалоци и Турција за тутун. Македонија имала најниско ниво на цени за масла и масти и за овошје, зеленчук и компири. Според податоците на Евростат, Македонија има и најниски нивоа на цените за алкохолни пијалоци и тутун кои се 59% од европскиот просек. Но има и најниски цени на мебел со 61,8% од европскиот просек. Македонија е најевтина и според нивото на цени за возила, најевтина за транспортни услуги со 55,2%, а има и најниски нивоа на цени на ресторани и хотели со 49,5% од европскиот просек“ – пишува во извештајот на Еуростат.
Граѓаните пак се жалат дека статистиката понекогаш е контра реалноста и нивната куповна моќ. Се жалат дека последниве неколку месеци производите континуирано поскапуваат.

Производите колку-толку го одржуваа ценовното ниво кога во сила беа мерките за ограничување на маржите на трговците до крајот на април. Во последниве два и пол месеци, во некои маркети, продавници и на пазарите, граѓаните забележаа поскапи производи. Алармот веднаш се вклучи кај надлежните. Државниот пазарен инспекторат секојдневно ја следи состојбата на пазарот за широка потрошувачка, а Владата најави дека би можело да има мерки, откако ќе завршат анализите за нивото на базичната инфлација. Гувернерот на Народната Банка, Трајко Славески вели дека засега централната банка нема да излезе со мерки за сузбивање на инфлацијата и дека порастот бил поради сезонското поскапување на овошјето и зеленчукот, по што очекува стабилизација на цените.

