Реклама
Прилози

Енергетика, безбедност и дигитализација – новата партнерска агенда меѓу Македонија и САД

Македонија и Соединетите Американски Држави ја зацврстуваат соработката. Унапредувањето на безбедносното и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија и Соединетите Американски Држави ја зацврстуваат соработката. Унапредувањето на безбедносното и одбранбеното сојузништво, дигитализацијата и енергетската стабилност беа во фокусот на средбите што македонската владина делегација ги оствари во Вашингтон. Во рамките на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД е потврдена определбата за продлабочување на стратешкото партнерство и реализација на конкретни проекти. Македонија направи стратешки чекор кон енергетска стабилност, министерката за енерегтика потпиша договор со Вашингтон за снабдување со природен гас.

Со документот се потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите, посочуваат од Енергетика.

„Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави е важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани. Преку ова партнерство обезбедуваме посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“, истакна министерот Тошковски.

Реклама

 „Драго ми е што нашиот стратешки партнер, САД, ги препозна дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста како едни од клучните компоненти на нашата соработка. Ние веќе соработуваме, имајќи предвид дека во рамките на Министерството за дигитална трансформација имаме експерт од САД, кој е одговорен за унапредување на нашата меѓусебна соработка“, рече Андоновски.

Според премиерот Христијан Мицкоски со статешкиот дијалог меѓу Македонија и САД се отвораат нови можности за инвестиции, енергетика, безбедност и дигитализација.

Македонија е првата европска земја што воспоставила ваков вид стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави. Веќе е усогласена заедничка изјава за царинските тарифи, а потврдени се и одредени инвестиции кои допрва треба да се реализираат.Ова претставува значаен чекор напред во билатералните односи меѓу двете земји” – вели премиерот Мицкоски.

Ова е првиот дијалог во рамки на стратешкото партнерство со САД по пауза од четири години. Скопје и Вашингтон ја потпишаа декларацијата во 2008 година, непосредно по НАТО самитот во Букурешт, кога Македонија, поради грчкото вето, не стана членка. Соединетите Американски Држави имаат ваков вид на партнерство со само уште неколку земји во светот.

Ања Лукарова