Реклама
Економија

Економско-социјален совет: Нема договор за минимална плата

Синдикатите и работодавачите не се договорија околу висината на минималната плата. Економско-социјалниот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Синдикатите и работодавачите не се договорија околу висината на минималната плата. Економско-социјалниот совет помина без договор, а следен закажан состанок нема. Претседателот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов бара минималец од 450 евра и повеќе. Тврди дека синдикалната кошничка која надминува 62 илјади денари, порастот на трошоците на живот, нискиот стандард и зголемувањето на минималецот во земјите од регионот се доволни аргументи поради кои минималецот треба да се покачи подрастично од предвидените 1.800 денари раст во март со законското усогласување.

Од Организацијата на работодавачи велат дека ќе ги почекаат резултатите кои компаниите ќе ги остварат годинава, за да видат дали има простор за покачување на минималецот повеќе од 1.800 денари. Сепак, за нив е неприфатливо минималната плата да се зголеми до 450 евра.

Премиерот Мицкоски кој присуствуваше на состанокот на Економско-социјалниот совет вели дека Владата ќе прифати се што ќе договорат синдикатите и газдите. Вели дека во Буџетот се предвидени средства за законското зголемување на минималната плата во март, а ако се договори дополнително зголемување ќе има и ребаланс на буџетот. Сепак, товарот во ваков случај, потенцираше дека паѓа врз стопанството.

Реклама

„Ние како Влада сме во една позиција поразлична и од едната и од другата страна. Условно, ако гледаме од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме тие две страни, и работниците и работодавачите, тие да се усогласат што е тоа кое што можат и едните и другите да го прифатат. Ние сме во случајот страна која е тука да фацилитира, а не да одлучува. Сето она што тие меѓусебе ќе го договорат ние како Влада, како страна ќе го прифатиме“ – рече Мицкоски.

На состанокот беа презентирани главните аспекти на буџетот за догодина. Тоа се повеќе пари за плати во образованието и здравството, повисоки пензии за дополнителни 2.500 денари, како и рекордно ниво на капитални инвестиции кои надминуваат 800 милиони евра. Мицкоски напомена и дека очекува првите суми од унгарскиот заем, да се поделат како кредити за фирмите од деловните банки на стартот на следната година.