Реклама
Македонија

ДЗР предупредува: Козметика и детски играчки без соодветна контрола

Кремите што ги мачкаме на кожа и играчките што децата ги ставаат…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Кремите што ги мачкаме на кожа и играчките што децата ги ставаат во уста – се продавале без да бидат соодветно проверени. Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година открива пропусти во работата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Листата на забранети состојки во козметиката кај нас не е сменета уште од 2010 година. За разлика од ЕУ, каде таа редовно се ажурира. Поради тоа постои опасност на пазарот и сега да се продава козметика со штетни материи кои во ЕУ се одамна забранети, а кај нас се уште се дозволени- предупредуваат државните ревизори…

Најалармантно е што Македонија нема ниту една лабораторија што може да провери дали во детските играчки има опасни и забранети хемикалии. Без таква опрема, инспекторите не можат со сигурност да утврдат дали играчките што се продаваат се безбедни за децата.

„Согласно информациите добиени од Инспекторатот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи“, се нотира извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на ДСЗИ во 2024 година.

Реклама

Кога инспекцијата ќе утврди проблем со детски играчки кај увозник или продавач, фирмата има право да ги оспори резултатите. Но тука настанува проблемот, нотира ревизијата. Во Македонија нема втора лабораторија што би ја повторила проверката. Законот не дозволува вториот примерок да се испитува во истата лабораторија.

„Потребно Министерство (за здравство), во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) да преземат активности за опремување на лаборатории со соодветна опрема со која ќе се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите и оневозможување истите да бидат пуштени во промет во државата“, велат од ДЗР во извештајот.

Од инспекторатот велат дека веќе постапуваат по забелешките од ревизорскиот извештај и се преземаат мерки за нивно целосно отстранување.

Во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметички производи и предемети за општа употреба и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати иницијални преговори со релевантните чинители за изнаоѓање на заедничко прифатливо рашание со цел да се надмине овој проблем велат од ДСЗИ.

Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема доволно инспектори, работат со само околу 60% од потребниот кадар. На ниво на целата држава имаме само 43 здравствени инспектори. Повеќето од нив се во поодминати години, над 50, а некои и над 60 години. Затоа инспекторатот тешко стигнува да ги заврши сите контроли низ државата. Ревизорите предупредуваат дека мора да се вработат повеќе луѓе за институцијата да може нормално и ефикасно да функционира.