ДУИ е на работ на пропаст. Од петни жили се труди, на клиентелистички начин да ги задржи гласачите што и останаа, но и тоа ќе биде тешко оти рејтингот на интегративците вртоглаво опаѓа. Експертите се децидни дека членството на опозициската партија сериозно се одлева кај владејачката коалиција „Вреди“ која ужива се поголема доверба кај електоратот на албанската заедница. Корупцијата во високите ешалони на ДУИ поради која Артан Груби се најде на црната листа, но и сите скандали изминатава година си го направија своето – партијата на Али Ахмети едвај ќе го преживее периодот до локалните. За победа на изборите воопшто нека не се надева – единствено што може да направи е да го ублажи поразот.
Црната листа беше голем удар за ЕФ. Прво го прикажуваа како чист како солза а сега се оградуваат. Се обидуваат да го зачуваат рејтингот. Сега е многу разбирливо да преминуваат кај Вреди, кај локалните избори има психолошка предност бидејќи ги имаат сите средства од владината моќ што можат да ги искористат за дополнително да ги привлечат гласачите. ДУИ е пред работ на пропаст обидувајќи се преку ситни поени, да го ублажат поразот на локалните избори, вели новинарот и политички аналитичар Џенур Исени.
Проблемот не е само кај ДУИ, туку, генерално во Европскиот Фронт. Со истиот проблем се соочува и Алијанса за Албанците на Зијадин Села. Сериозниот раскол во ова крило од партијата може да доведе до преминување на членството во крилото на Арбен Таравари.

Алијанса за Албанците на Села се обидува да се додворува на Таравари, сега се пишманат, за обичните гласачи секогаш ќе има отворена врата кај Таравари но за оние големи риби од партијата на Села, тешко дека ќе има, и да сакаат нема да можат да се доближат до партијата на Таравари, додава Исени.
ДУИ не може да се помири со поразот кој го доживеа на изборите оваа година – бидејќи замина во опозиција по повеќе од две децении. Тие постојано критикуваат дека албанскиот партнер во Владата не бил легитимен претставник на Албанците. Се закануваа со дестабилизација и најавуваа протести, но ништо од тоа не се случи. Според експертите, причината е дека Европскиот фронт нема капацитет бидејќи членството си бара друга опција.
