Вистинско гратче со културно-забавен живот, со сите градски атрибути – библиотека, Дом на културата со киносала, моден салон, берберници, слаткарница, продавница за текстил и други содржини, вака старите дојранци од Нов Дојран го паметат своето родно место. Дојран за многумина е најпознат како туристичка дестинација, барана по чистиот воздух и топлото езеро, но за жителите на Нов Дојран сè уште се живи сеќавањата кога во нивното родно место се одвивал вистински културен живот.
Тешко е денес да гледа ова населено место во кое минимално се препознаваат урбаните предзнаци, а освен општата амбуланта, кафулињата и неколку мали продавнички, недостигаат вложувања во други содржини.

Градска библиотека во Нов Дојран

Дојранските жители паметат дека по Втората светска војна, Нов Дојран како новонаселен по разурнувањето на Стар Дојран, се развива како и сите други градови. Ја паметат градската библиотека „Ѓорѓи Абаџиев“, на главната улица до тогашното „Толево кафеанче“, со богат книжевен фонд, меѓу кои биле најпознатите дела од класичната литература и белетристиката. Библиотеката, која имала и читалница, ги собирала сите љубители на пишаниот збор, а во летните месеци пред објектот одморале и рибарите, кои најчесто ги читале изданијата на „Нова Македонија“, единствениот весник што се издавал во тој период.

Културни изданија на Нов Дојран
Објектот на дојранската библиотека бил под надлежност на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија и, според сеќавањата на жителите, располагал со солиден број книги, во кои, освен школски лектирни изданија, можело да се сретне разновидна литература.
– Се сеќавам на библиотеката уште како мал, за да земам книги, честопати метев пред објектот, па бесплатно ми ги даваа да читам. А таму имаше сè – роднокрајна литература, класици, белетристика, значи добар фонд на книги. На пример, се сеќавам дека од таа библиотека го имам читано „Жерминал“ од Емил Зола, кој се смета за негово најдобро дело, класика на француската литература и многупати е филмуван. Како млади, основци и средношколци во тој период немавме потреба да бараме литература од друго место, библиотеката беше добро снабдена – вели Михаил Граматиков, 83-годишен дојранец.

Михаил Граматиков
Откога се пензионирал и последниот библиотекар, жителите паметат дека во 80-тите години библиотеката најпрвин била преселена во некогашниот објект на пензионерите. Подоцна, книжевниот фонд на дојранската библиотека е преместен во основното училиште „Кочо Рацин“, а за тоа има податоци и во познатата монографија „Дојран низ вековите“, каде што се спомнува дека се предадени речиси 7.500 книги.
Во поствоениот период Дојран многу повеќе личел на вистинско гратче, а сега немаме некои основни елементи на урбано место, смета дедо Михаил.
– Можам слободно да кажам дека некогаш Дојран беше урбано место. Секоја вечер имаше корзо, од стариот рибарски дом, кој веќе го срушија, до полициската станица, до каде што беа последните објекти. Имаше редици луѓе на тоа корзо. Но со текот на времето луѓето почнаа да се иселуваат. Кога првпат донесоа телевизор, паметам тоа беше од рибарското претпријатие. Тие купија телевизор, а никој немаше дома. Го поставија во една сала во нивните простории и таму одевме да ги следиме ТВ-програмите. Во тоа време многу се гледаше спорт, музички настани, се гледавме таму. Така што, слободно можам да кажам дека зачетник на културниот живот на Дојран беше токму рибарското претпријатие, кое најпрвин функционира како задруга – вели Михаил.

Дом на културата во Нов Дојран
Сегашните жители на Нов Дојран добро се сеќаваат и на Домот на културата, кој бил централното место каде што се одвивал целиот културен живот на дојранци.
– Домот на културата е почнат некаде околу 1945 година или подоцна бидејќи јас паметам дека во темелите на објектот си игравме. Бев дете во тој период, роден сум 1943 година. Тогаш, во секое место, особено во малите места, се градеа типски културни домови. Тоа е здание од времето по ослободувањето. Во него на горниот кат беше сместена земјоделската задруга „Орач“, а долу беше киносалата. Во неа речиси секоја вечер имаше нов филм. Паметам дека претежно гледавме вестерни од американска продукција, но имаше и филмови со теми од НОБ, југословенски. Се плаќаше влезница, имаше и вратар на киното. Филмската лента се праќаше по камион, како по пошта, и тука се чекаше да се земе, го проектираа филмот една или две вечери и потоа на истиот начин лентата се враќаше за да се прикаже во друго населено место. Во истата сала имаше и бина зад која се проектира филмот кога салата беше во функција на кино, а кога имаше други културно-уметнички настани се користеше бината и тука се изведуваа претстави, концерти – памети Граматиков.
Тој се сеќава и дека по ослободувањето, се формирало културно-уметничко друштво со виолинист, гитарист, хармоникаш и контрабасист, кои организирале музички приредби.
– Кога бев средно и учев во Гевгелија, со драмската секција подготвивме претстава и дојдовме и ја одигравме на сцената во Дојран, токму во Домот на културата. Тоа беше нашиот културно-забавен живот – вели Михаил Граматиков.
Сеќавања за Домот на културата и неговото значење за дојранските жители споделува и Митко Каракашев.
– Тука се прикажуваа историски, партизански филмови. За населението кино имаше в четврток и в недела, а нас како ученици нè носеа од училиштето да гледаме филмови. Тука концерти одржувале Александар Сариевски, Васка Илиева, а подоцна и Неда Украден и ред други познати имиња. Доаѓаа и магионичари – вели Каракашев и додава дека љубовта кон културата ја негувале уште од училишните денови.

ОУ „Кочо Рацин“ – Нов Дојран, изградено по Втората светска војна, архивска фотографија
Во старото училиште „Кочо Рацин“, изградено по Втората светска војна, се правеле приредби, се изведувале рецитали, драми, а основците учествувале и во музички секции.
– Доаѓаше и Перо Христов со музичка група и одржуваа концерт. Ги имаше сите услови што едно основно училиште може да ги има. Имаше спортска сала за приредби и за фискултурна настава. На влезот од училиштето цел ѕид беше нацртан со мотиви од НОБ, во вид на мурал, изработен од наставникот по ликовно Теофил и неколку ученици, кои имаа дарба за уметност – вели Каракашев.
Од времето кога Нов Дојран функционирал како урбано место тој ги памети сите содржини, кои денес, за жал, ги нема.
– Градот имаше салон за шиење, со мајстор и чираци, ќе ти земат мерка за палто или сако или, пак, за цел костум, и ќе ти го скројат. Имаше две фурни. Од фурната ни доаѓаше еден сладок мирис на печен леб, кој се уште го паметам, не се опишува со зборови, треба само да се доживее. Дојранци имаа градски манири. Прво, многу се залагаа за чистотата. Не можеше да се замисли дома да не биде избелено кога ќе дојде Велигден, секое нешто дома ќе беше исчистено. Подот ќе го рибаат со четки да мириса на чисто бидејќи поминала зимата. Дали си побогат или посиромав, не е важно, но мора да биде чисто и наместено. Ќе дојдеше сабота или недела, татковците ќе се облечеа во костум, бела кошула и капа, па ќе одат во кафеаната и тие што се мераклии за коцка, ќе се коцкаат, а оние што се за пиење, ќе пијат додека можат. Пензионерите секое попладне одеа до кафеаната, си пиеја кафе со локум – раскажува Каракашев.
Исто така, тој памети дека градот од неговото детство имал и тројца чевлари, моден салон, гранапче, месарница, слаткарница, две берберници, две трафики, продавница за текстил, железарница, две големи самопослуги, фудбалски клуб, полициска станица, постојан доктор, како и заболекар и аптека.
За мене, тоа непобитно беше град – додава Каракашев споредувајќи го Нов Дојран од минатото со сегашноста.

Објектот на Домот на културата денес е сè уште во изградба откако десетина години се обновуваше надворешниот изглед, а внатрешноста на објектот сè уште чека реконструкција.
Во програмата на сегашниот градоначалник Илија Тентов е предвидено внатрешно уредување на овој значаен објект за жителите, со што, како што е наведено, Дојран, конечно, ќе добие модерна сала за културни манифестации и настани.
– Во план е да се доврши Домот на културата во Нов Дојран. Ќе изработиме проектна документација за објектот, а за киносалата веќе имаме документација. На тој начин, конечно, ќе ја завршиме реконструкцијата на овој објект – изјави Илија Тентов, градоначалник на општина Дојран.
За споредба, соседните општини Богданци, Валандово и Гевгелија веќе со години имаат реконструирани објекти на домовите на културата, каде што редовно се одржуваат концерти, се прикажуваат кино- и драмски претстави и сите културно-уметнички настани.
