Реклама

Со 12,8 милиони евра ќе се помагаат земјоделците, почнува доделувањето на картички за зелена нафта

Фон Дер Лајен не фали за реформите како никогаш претходно, Филипче се чуди што ќе бара Муцунски во Софија

Недостаток од наставници по природни науки, министерката Јаневска најавува чекори за враќање на достоинството и подобри плати

Зголемена куповна моќ на пензионерите, Фискалниот совет бара реформи за помала дупка во ПИОМ

Во трампата меѓу Грција и Бугарија, Софија и спакувала на Атина и реликвија, одземена или украдена од Охрид

Пецаков: Охрид се развива со крупни капитални проекти – пречистителна станица во Трпејца, нова спортска сала и современа катна гаража

Во очекување на регионалната депонија Новаци, се решава проблемот со „Буково“

Европа ја седнува Бугарија на маса со Македонија: Ќе се бара позитивно решение за билатералниот спор

Ниски трошоци за поконкурентно производство, цената на горивата добра вест за стопанството

Половина милијарда евра за општините, Мицкоски најавува нов циклус проекти

Осум децении Ловечка федерација – со законски измени се подобруваат условите и стандардите

Фон Дер Лајен во Македонија со пофалби, но и повторување на бугарските услови: Охрабрување за реформите, но и незадоволство за спорот со Бугарија

Македонија

Дискусии посветени на театарот и философијата и метафизиката во современото доба ќе се одржат во рамки на Форумот „Philosophia Christiana“

Две дискусии посветени на театарот и философијата и метафизиката во современото доба…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Две дискусии посветени на театарот и философијата и метафизиката во современото доба ќе се одржат оваа недела во Скопје во рамки на Форумот „Philosophia Christiana“ во организација на фондацијата Свети Фотиј Велики од Скопје.

Првата дискусија на тема „Театарот и философијата во европската култура“ ќе се одржи в среда во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со почеток во 19:00 часот. На дискусијата ќе учествуваат проф. д-р Георги Каприев  (Софија) и проф. д-р Иван Додовски (Скопје).

Местото на театарот и философијата во европската култура, нивната улога во обликувањето на европскиот идентитет, односот меѓу Истокот и Западот и проникнувањето на културите, зошто на човекот воопшто му се потребни философијата и театарот и што тие можат да му кажат за него самиот и за светот во кој живее се темите кои ќе бидат обработени во оваа дискусија.

Реклама

Организаторот наведува дека театарот и философијата се две различни, но длабоко поврзани сфери на доживување, интерпретација и изразување на стварноста. Од античкиот полис, преку средновековието, па сѐ до современата европска култура – тие постојано ги отвораат прашањата за човекот, личноста, слободата, творештвото, доблеста и општењето.

-Театарот не е само претставување на стварноста, туку простор во кој таа се преиспитува, се преосмислува и се споделува со другите. Разговорот со нашите двајца исклучителни гости, Георги Каприев и Иван Додовски, ги спојува токму овие различни перспективи. Каприев, како философ и долгогодишен театарски критичар, ги поврзува западната и византиската философска традиција со прашањата на современиот човек и европската култура; Додовски, како теоретичар на книжевноста и театарот и претседател на европската мрежа за современа драма и театарски превод „Eurodram“, го отвора прашањето за театарот како место на творештво, општење и средба меѓу различни јазици и култури се вели во најавата. 

Втората дискусија е на тема „Метафизиката – жива или мртва?“, а ќе се одржи в четврток во „Europe House“ – Скопје со почеток во 19:00 часот. Гости на дискусијата се проф. д-р Андреас Шпеер (Келн) и проф. д-р Катерина Колозова (Скопје/Берлин).

Организаторот нагласува дека метафизиката со векови била во фокусот на философската мисла: прашањето за битието, стварноста, човекот, светот и Бога било неразделно од самото разбирање на философијата, но модерната мисла постојано ја доведува метафизиката во прашање – од критиката на нејзините граници, преку обидите за нејзино надминување или отфрлање, до говорот за „крајот на метафизиката“.

-Сепак, метафизичките прашања не исчезнуваат. Што е стварноста? Што значи да се битисува? Дали човекот и светот можат да се разберат само преку науката и емпириското знаење? Дали прашањата за смислата, слободата, личноста, Бога и трансценденцијата сè уште имаат место во современата философија? Разговорот „Метафизиката – мртва или жива?“ тргнува токму од оваа противречност: метафизиката не еднаш била прогласувана за надмината, а сепак постојано се враќа во философската мисла. Затоа прашањето не е само дали метафизиката преживеала, туку и каква метафизика е можна денес, што може таа да ни каже за човекот и стварноста и зошто повторно се јавува потребата од неа – се вели во најавата.

Форумот „Philosophia Christiana“ дејствува како дијалошка платформа која се состои од дискусии на различни философски, теолошки, социјални, етички и културолошки теми. Форумот го води д-р Милан Ѓорѓевиќ, редовен професор на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.