Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) при Управата за јавни приходи одбележа 20 години од своето формирање, под мотото „20 години Дирекција за големи даночни обврзници – Партнерство, доверба и резултати“. По повод јубилејот, ДГДО започна циклус на настани посветени на нејзиниот развој, на луѓето и компаниите кои низ годините се дел од нејзината приказна. Првиот настан беше посветен на 131 компанија кои беа меѓу првите големи даночни обврзници на ДГДО. Тие не беа само гости на одбележувањето, туку ја претставуваат првата генерација големи даночни обврзници и значаен дел од историјата на Дирекцијата.
На одбележувањето присуствуваа и им се обратија на присутните министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, и управничката на ДГДО, Пепина Змејковска. На настанот присуствуваа и претставници на компаниите – големи даночни обврзници, дел од највисокото раководство на Управата за јавни приходи, како и сегашни и поранешни вработени и раководители на Дирекцијата.
ДГДО е формирана во 2006 година, како дел од процесот на модернизација на Управата за јавни приходи, со цел воспоставување специјализиран пристап во администрирањето на најголемите даночни обврзници во земјата. Посебно значење на јубилејот му дава фактот што директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, била и првиот управник на Дирекцијата за големи даночни обврзници при нејзиното формирање.
Во своето обраќање, директорката Петрова истакна: „За една институција, 20 години се многу повеќе од јубилеј. Тоа се 20 години искуство, промени, предизвици, резултати и, пред сè, 20 години луѓе кои ја граделе институцијата. ДГДО не ја добивме готова – ја создававме.“
Во фокусот на одбележувањето беше и значајната улога на големите даночни обврзници во економијата и јавните финансии. Како најголеми даночни плаќачи, тие имаат значаен придонес во јавните приходи, но и поширока економска улога преку инвестициите, работните места, производството, услугите, извозот и вкупната економска активност.
„Кога големиот бизнис расте, расте и економската активност. Кога економската активност расте, расте и потенцијалот за јавни приходи. А јавните приходи се основата врз која државата ги финансира јавните услуги и го остварува својот развоен потенцијал“, истакна Петрова.
Директорката нагласи дека односот меѓу даночната администрација и големите даночни обврзници треба да се темели на професионалност, предвидливост, меѓусебно разбирање и почитување на правилата, со цел создавање стабилна и ефикасна даночна средина.
Во тој контекст, таа посочи дека не е случајно што одбележувањето се одржа во Стопанската комора на Македонија – домот на компаниите, како симбол на партнерството и дијалогот меѓу даночната администрација и деловната заедница.
Денес, ДГДО администрира 339 големи даночни обврзници, за кои се грижат 43 даночни службеници. За споредба, во 2006 година Дирекцијата администрирала 131 даночен обврзник.
„На компаниите им се потребни предвидливост, јасни правила, еднаква примена на законите и администрација која е достапна кога имаат прашање, но и одлучна кога постои ризик од непочитување на законите. На државата, пак, ѝ се потребни стабилни и навремено наплатени јавни приходи – нешто што низ годините партнерски се гради. Добрата даночна администрација треба да создаде простор во кој и бизнисот и државата знаат што да очекуваат едни од други“, нагласи Петрова, упатувајќи благодарност до компаниите со кои ДГДО соработувала во изминатите 20 години.
Осврнувајќи се на иднината, директорката Петрова истакна дека современото даночно администрирање сè повеќе ќе се темели на дигитализација, аналитика на податоци, електронски услуги, размена на информации и управување со ризик.
Таа упати благодарност до сите генерации вработени и раководители кои во изминатите 20 години придонеле кон развојот на ДГДО, како и до деловната заедница и големите даночни обврзници со кои Дирекцијата соработувала низ годините.
„Пред 20 години ДГДО беше идеја. Потоа стана институција. Денес е искуство и знаење. А утре мора да биде подготвеност за она што доаѓа“, порача директорката Петрова.
Таа нагласи дека, како што пред 20 години ДГДО беше дел од модернизацијата на УЈП, така и денес треба да биде еден од носителите на следната фаза на модернизацијата. Дваесет години по формирањето, ДГДО останува важен дел од даночниот систем, со определба и во иднина да продолжи да го унапредува професионалниот однос со даночните обврзници, да ги следи современите даночни практики и да придонесува кон ефикасно и професионално управување со јавните приходи. Од првите 131 до денешните 339 големи даночни обврзници – 20 години ДГДО се 20 години партнерство, доверба и резултати.
Министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето обраќање се осврна на иднината на даночниот систем и на определбата за негово натамошно модернизирање. „Најважната порака што сакам да ја нагласам на овој настан и пред вас е дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар. Остануваме на концептот на рамен данок, кој обезбедува предвидливост за компаниите и создава стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот. Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот. Тоа се чекорите кои можат заедно да нè однесат во едно подобро утро“, истакна министерката за финансии.
Актуелната управничка на ДГДО, Пепина Змејковска, се осврна на развојот на Дирекцијата и резултатите постигнати во изминатите 20 години. Таа посочи дека, заедно со даночните обврзници кои ги администрира ДГДО, е забележан значаен раст на наплатата на даноците. Од 32 милијарди денари во 2027 година, наплатата од големите даночни обврзници достигнала 62 милијарди денари во 2025 година. Во 2025 година учеството на големите даночни обврзници во полнењето на државната каса надминува 44%, што го потврдува нивното значајно место во системот на јавни приходи.
Одбележувањето на 20-годишниот јубилеј продолжува и во наредниот период, преку реализација на низа настани со кои ќе бидат опфатени сите големи даночни обврзници. На овој начин, јубилејот ќе овозможи да бидат опфатени сите генерации големи даночни обврзници кои низ годините се дел од развојот и приказната на ДГДО, во духот на централната порака „Партнерство, доверба и резултати“.

