Литературната манифестација „Денови на македонската литература за деца 2026“ ќе се одржи од денеска до 14 ноември во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, со цел промоција на македонското книжевно творештво за деца и унапредување на културната соработка меѓу Македонија и Албанија.
Манифестацијата ќе биде отворена со обраќања на директорката на Македонскиот КИЦ во Тирана, Ема Попивода, и програмскиот уредник на проектот, Ели Маказлиева. Во рамки на настанот ќе биде организирана презентација за значењето на литературата за деца, ќе бидат претставени десет авторки на литература за најмладите и ќе бидат промовирани нивните најнови книги објавени во 2026 година од издавачката куќа „Едука Мак“, која е носител и организатор на проектот.
На манифестацијата ќе биде промовирана и книгата за деца „Грмотевицата што сакаше да стане виножито“ од Весна Тодоровска, добитник на наградата „Литературни пишувалки – патувалки 2026“, при што на авторката ќе ѝ биде врачена плакета.
Организаторите најавуваат и донација од 100 книги за Македонскиот културно-информативен центар во Тирана.
Во текот на наредните два дена учесниците ќе реализираат работилници со деца од предучилишна возраст во образовната установа „Albanian College Tirana II“, ќе разменуваат искуства со албански писатели и издавачи и ќе разговараат за можностите за превод и размена на книги за деца.
Во рамки на програмата е предвидено и потпишување меморандуми за соработка меѓу „Едука Мак“ и албанските издавачки куќи „Botimet DUDAJ“ и „Dritero Agolli“, како и со Здружението на Македонците во Тирана.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и има цел да придонесе за афирмација на македонската литература за деца и за продлабочување на културната размена меѓу двете држави.

