Повеќе од 60 деца на возраст од седум до 12 години од ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани се запознаа со традиционалната обработка на волна и ткаењето во рамки на едукативниот проект „Учиме да ткаеме“ на НУ Завод и Музеј – Охрид.
Активностите опфатија посета на трло каде што децата го проследија стрижењето овци и обработката на волната, како и презентација на традиционалното ткаење на разбој.
Во Куќата на Робевци учениците ја разгледаа етнолошката поставка и, користејќи традиционални алатки, се запознаа со процесите на влачење и предење волна.
Практичниот дел се одржа во музејскиот културен центар Лапидариум, каде што секое дете изработи сопствен производ на рамка за ткаење.
Проектот што го водеа конзерваторката Билјана Митаноска и Оливера Мишева, виш кустос етнолог, е целосно финансиран од Министерството за култура и туризам.
Со проектот установата продолжува со едукативни активности за запознавање на младите со традицијата и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство.
Активноста се реализира во годината кога Заводот и Музеј – Охрид одбележува 75 години од основањето и е дел од манифестацијата „Европски денови на културното наследство“.

