Бурна новогодишна ноќ во Македонија без нарушување на безбедносната состојба во државата. Турски државјанин бил убиен со остар нож во Старата скопска чаршија, инцидент во кој учествувале група турски државјани, а друг е тешко повреден. Осомничениот убиец е во бегство.
На Клиниките е примено и повредено 2 годишно дете кое е во животозагрозувачка состојба. МВР има повеќе теории како дошло до повредата на главата, но чека официјални информации од лекарите дали станува збор за куршум.
- „Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 31 кривично дело и 23 сообраќајни незгоди од кои што две со тешки телесни повреди. Приведени се 49 по разни основи најмногу за нелегална трговија со дрога и нарушување на јавниот ред и мир. Тоа се бројки дека огромното мнозинство граѓани се однесува одговорно и со тоа придонесува за лична и заемна безбедност “ вели Панче Тошковски –Министер за внатрешни работи.
Дека најтешкиот случај е оној на двегодишното дете потврдија и од Клиника.

- „Двегодишно дете без познати лични податоци примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето е во животна опасност, а засега нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот“ рече Игор Мерџановски – директор на ТОАРИЛУЦ.
Регистрирани биле и тројца пациенти по пад од висина. Меѓу нив е и 30-годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој бил во животозагрозувачка состојба. Кај него е извршена операција на ’рбетниот столб и моментално се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување. На Неврохирургија поради истата причина, пад од висина, е примен и 16-годишен пациент од Штип.
МВР бележи седуммина кои се повредиле од употреба на пиротеника, а на Клиниката за пластична хирургија, биле примени вкупно 20.
- „Осум се физички повредени, шест се повредени од пиротехнички средства, а четворица се повредени во сообраќајќи, еден алкохолизиран е донесен во градската болница „Свети Климент Охридски“. Се помал број се малолетни пациенти “ рече Небојша Настов – директор на „Св. Наум Охридски“.
Во текот на ноќта биле евидентирани три сообраќајни незгоди, при што околу 20 пациенти со лесни телесни повреди биле прегледани и пуштени на домашно лекување.
Според статистиката на МВР, споредбено декември 2024 со 2025 година има намалување на сообраќајките во Скопје за 20 проценти и без жртви.
- „Околу 35 проценти има помалку повредени лица на подрачје на СВР Скопје отколку во декември 2024 и нема жртва во сообраќајка наспроти пет загинати во 2024. Ова е заслуга на секој што управува моторно возило согласно со сообраќајните правила и од срце им благодарам, “ рече Тошковски – Министер за внатрешни работи.
Тошковски ги повика пратениците да ги изгласаат законските измени во Законот за прекшоци и Кривичниот законик со цел од први февруари стартува системот Безбеден град.
