Владата даде „амин“ да се повлечат уште 500 милиони евра како втор дел од предвидената милијарда заем од Унгарија. Овој потег се прави за да се раздолжат наследените обврски , парите ќе се оперативни од идната година, а ќе се употребат за враќање на еврообврзницата која доспева на 25 – ти јануари.
Премиерот образложи дека вкупниот заем од Унгарија со каматна стапка од 1,95 отсто и рок на враќање 15 години е под многу поволни услови кои ќе донесат инвестициски бран и раст на економијата
Така што од оваа 1 милијарда евра која ја ветивме ние завршуваме три работи. Првата е дека се задолжуваме за да се раздолжиме и веќе следните влади кои да се нема да плаќаат еврообврзница една ќе има помалку. Второ трошиме за капитални инвестиции за општините, допираме до 250-300 илјади домаќинства. Трето преку бизнис заедницата допираме до сите граѓани, нагласи премиерот Мицкоски на дебатата на јавниот сервис со бизнис заедницата

Бизнисот трие раце за парите од унгарскиот заем . Велат дека вакви поволни услови не се понудени со децении и сега се поттикнати да инвестираат. Сепак апелираат до Владата да се реализираат предвидените капитални инвестиции
Јас сум втора генерација во бизнис секторот кај мене во семејството. Татко ми ја основа компанијата и ние во триесет и нешто години корпоративно ниту еднаш немаме користено кредит за нашата фирма со рочност од 15 години. 1,95 – досега не ни се има случено да платиме толку ниска камата. Дефинитивно кредитот според овие параметри е повеќе од поволен“, истакна Ангеловски.
Бизнисот го поздравува донесениот Буџет за 2025-та. Според стопанството конечно имаме државна каса со развојна наместо само со социјална компонента.
Патриотизмот треба да се изрази преку учество во стварање на додадена вредност на државата на највисок можен начин. Капиталните ставки мора да бидат искористени. Дуплирана е ставката за економски политики преку министерството за економија која што минатата година беше 40, а оваа година е 80 милиони низ разни програми. 250 милиони евра одат во локалната самоуправа, 250 милиони евра ќе дојдат во бизнисот итн. Ова сето зборува дека конечно е свртена страницата и е трасиран патот за формирање на развоен, на местото на социјален буџет кој што 30 години го негувавме и не ни донесе раст поголем од 1,8%, рече Азески.
Владата проектира раст од 3,7 отсто кој го темели на инвестицискиот циклус пред се преку парите наменети за стопанството и за општините. Во првиот буџет на новата влада е предвидено да се потрошат 6, 5 милијарди евра а да се приберат 5,8 милијарди евра приходи. Власта очекува рекордна реализација на капитални инвестиции кои се проектирани на ниво од 820 милиони евра и најавува борба со сивата економија
Фокусот ќе ни биде на сивата економија и оттаму нема страв од аспект на наплата на приходите. Просторот во сивата економија е огромен којшто според некои неофицијални податоци е околу 40%, а имаме можности во законите да ги наплатиме. Пред неколку дена е објавен тендерот за е-фактура од што се очекува посериозна наплата на ДДВ и поголема координација и комуникација помеѓу институциите – УЈП, Царинска управа, Финансиска полиција токму во насока да ги детектираме слабостите на системот и да ги елиминираме сите оние дејствувања на компаниите во сивата зона, рече министерката Димитриеска – Кочоска.
На дебатата организирана на јавниот сервис премиерот потенцираше дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионериање и дека ПИОМ ќе остане стабилен, а највозрасните граѓани редовно ќе ги добиваат примањата кои од март ќе бидат зголемени за дополнителни 2.500 денари.
