Реклама
Прилози

Бранителите разочарани од властите: Државата ги игнорира оние кои во 2001-ва беа спремни да загинат за Македонија

Мина уште една година, а луѓето кои гинеа за Македонија- македонските бранители,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Мина уште една година, а луѓето кои гинеа за Македонија- македонските бранители, останаа заборавени од државата. Иако дел од власта е токму еден од нив, генералот од 2001-ва, сега директор на ЦУК, Стојанче Ангелов е коалиционен партнер на Димитар Ковачевски и Али Ахмети. И тој признава дека од Илинденска не успеале да им помогнат, иако барем декларативно тоа го сакале Ковачевски и другите министри од СДСМ, во текот на минатава година. Но, тие како да не смеат да им се спротистават на ДУИ и Али Ахмети, кои ни под разно не сакаат да поддржат било каква помош за македонските бранители.

-Генерално и премиерот и клучните министри даваат поддршка, за жал според мене проблемот во ДУИ, кои не даваат овој закон да помине, до сега ниту во Владата, ниту во Собранието. Но, до изборите има уште време, сметам дека предизборниот период обично прави поголем притисок врз самите политички субјекти, кои што тогаш се помотовирани да решат некои натрупани, заостанати проблеми, изјави Ангелов.

23 години по воениот конфликт, во Македонија, премиер ќе стане командант на УЧК, а има македонски бранители кои воопшто немаат ниту здравствено осигурување, еден од нив во текот на 2022-ра починал на клупа во прилепската болница, вели за Алфа потпретседателот на здружението на бранители „Братство 2001-ва“ Мики Ристовски

Реклама

-Ние кога се боревме 2001-ва, кога ја браневме Македонија немавме политичка припадност, ние бевме Македонци кои што ја браневе Македонија, имавме и од различна вероисповест. Воените инвалиди да добијат поголема инвалиднина, значи нивната инвалиднина која што ја земаат сега, не ги покриваат ни нивните основни потреби за лекарства што ги имаат. Втора работа што воените инвалиди тешко доаѓаат до нивните лекарства, тешко доаѓаат до прегледи, имаме луѓе што починаа, лани беше примерот во Прилеп, почина бранител на клупа зошто немаше социјално, не го лекуваа, изјави Ристовски.

Иако според законот за посебни права на бранителите изгласан во 2002-ра, на нив и нивните семејства им следуваат посебни права за здравствени услуги, вработување, станбено згрижување, еднократен паричен надоместок и во областа на образованието, Ристовски вели дека ништо не добиле од државата за која се бореле.

-Бараме да имаме достоинствен живот, односно да не признаат. Нашите деца, сите кога ќе не видат, многу пати со млади сме се сретнале и ете нели ги насочуваме на патриотизам, да ја сакаат државата. И викаат вие што добивте, не ве третира државата како ништо. Имавме разговор со претходниот премиер Заев, имавме разговори со одредени пратеници, со господинот Ковачки разговаравме, од ги поднесе барањата наши во Парламент, ги одбија, изјави Ристовски.

Инаку, Ангелов во 2023-та до Собранието предложи и закон за обештетување на 15-тина семејства на загинати бранители, за кој поддршка доби од ВМРО-ДПМНЕ, но не и од власта, за истиот се уште во Собранието не дебатирано ниту секунда.

-За жал овој предлог закон се уште не е ставен на дневен ред на седница на Собранието, официјалното од претседателот на Собранието, Талат Џафери дека чекале превод. За жал поддршка добивавме досега од сите политички партии и само кога се во опозиција, кога ќе дојдеа на власт, нешто се случуваше, преку ноќ ја менуваа реториката и нашите прашања односно проблеми не беа решени, вели Ангелов. 

Инаку, и во текот на 2023-та година, но и претходните сведоци бевме на голем број сквернавени споменици на македонските бранители. Додека тие беа уништувани од речиси секогаш непознати сторители, во ноември 2023-та во селото Сопот во присуство на Али Ахмети и други високи функционери на ДУИ отворен беше музеј во чест на УЧК. Таму беше поставена и карта на Голема Албанија, која по жестоките реакции од јавноста, сами ја отстранија оние кои го отворија музејот на приватно земјиште.

Македонските бранители цело време порачуваат дека се чувствуваат понижено во државата за која биле подготвени да загинат во 2001-ва година. Изразуваат надеж дека 2024-та ќе им донесе барем нешто добро.

-23-та ни е многу слаба во однос на бранителите, да се надеваме дека 24-та ќе имаат слух и ќе биде подобро, се надева Ристовски.

Матеја Петровски