Градежна офанзива на над 200 килимтери патишта низ Македонија. Забрзано се гради по откочувањето на бројните препреки кои ја забавуваа обновата на инфраструктурата во земјава. Автопати, експресни и регионални патишта, инвеастиции на локалните власти. Градежна механизација има долж Коридорите 8 и 10. Еден од најзначајните и убедливо најочекуваните е автопатот Кичево – Охрид. 57-те километри се градат веќе 10 години. Се потпишуваа неколку анекси, се пролонгираа работите, а причина за последното одложување на рокот беа 13-те нови свлечишта што се појавија на трасата. Новата Влада ги одглави работите, ја забрза градбата, па рокот до крајот на 2026 година нема да се менува. Експропријацијата на земјиштето сега се одвива со забрзано темпо, откако на стартот на летово не беше финиширан ниту еден предмет.
Конечно на терен можат да се видат првите градежни работи од 1,3 милијарди евра вредниот проект со америкнаско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Два автопати почнаа да се градат за само една недела. Стартуваа работите на делницата Гостивар – Букојчани која е една од најтешките траси на коридорот 8. Автопатот Прилеп – Битола, пак, кој треба да биде готов до крајот на 2027 година треба да го забрза и олесни сообраќајот во пелагонискиот регион. „Бехтел и Енка“ треба да градат 4 делници од 109 километри, оние долж Коридорот 8 треба да финишираат до крајот на 2028-ма година.
Уште еден пат кој се гради премногу долго е оној од Градско до Прилеп. По бројните проблеми, таму сега интензивно се гради. Првата делница Градско-Дреново, на која изведувач на работите е Штрабаг треба да финишира до крајот на годинава. Втората делница пак, Дреново–Фариш на која изведувач на работите е СИНОХИДРО треба да биде пуштена до март следната година.

До крајот на годинава треба да биде завршен и експресниот пат Крива Паланка-Ранковце-Страцин во должина од 25,5 километри. Министерот Николоски рече дека се доцнело со изградбата од необјасливи причини, поради лажните ветувања и неработењето на минатата власт. Проблеми имало и со експропријацијата и со изведбата. Овој пат треба да помогне да се скрати времето на патување од Скопје до Софија на пристојни два и пол часа.
Една од најпроблематичните делници е онаа од Скопје до Блаце. Комплетирана е само првата фаза, два километри пат, кои не завршуваат никаде, односно воопшто не се поврзани со постоечкиот пат. Патот во моментов е во фаза на претквалификација. Тоа значи дека допрва ќе се бара изведувач. Според министерот за транспорт овде има сериозни индикации за корупција и незаконски пренамени на средства, кои ја успориле изградбата на автопатот и ги зголемиле неговите трошоци за 70 до 120 милиони евра. Дополнително обвинувањата се дека поранешни функционери на ДУИ станале нови газди токму на имотите кои требало да се експроприраат.
Жителите од дебарскокичевскиот крај со нетрпение го очекуваат завршувањето на регионалниот пат Извор – Гарски мост со кој за првпат на овој начин се поврзуваат Кичево и Дебар. 19-те километри пат треба да бидат пуштени во употреба до крајот на годинава.
