Реклама
Македонија

Андоновски за скандалот со Димитровска: Интегритетот на ДКСК не треба да биде доведен во прашање

Скандалот со првата антокорупционерка фрла дамка врз работата на Антикорупциската комисија, но…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Скандалот со првата антокорупционерка фрла дамка врз работата на Антикорупциската комисија, но другите членови кои не се засегнати од случајот треба да продолжат со кредибилна работа. Ова е ставот на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски откако Обвинителството ја осомничи претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска, за оддавање службени тајни во случајот „Адитив“ и ѝ забрани контакт со предмети на комисијата. Андоновски изрази жалење за ситуацијата и го оцени однесувањето на Димитровска како несоодветно, но вели дека тоа не треба да значи рушење на кредибилитетот на целата институција затоа што станувало збор за само еден член, па макар тој бил и претседател на Комисијата. Рече дека не постои опасност да се парализира работата на Комисијата со оглед на некои барања за разрешување на целиот состав. Додаде и дека се надева дека ниту една политичка партија нема да ја злоупотреби оваа ситуација.

„Не гледам причина зошто останатите членовите би сноселе одговорност за личните постапки за еден од членовите, за потенцијалните постапки, затоа што станува збор за осомничено лице. И не би сакал дополнително да се впуштам во политизација на процесот затоа што овој состав, како и минатиот состав на ДКСК, беше избран во Собрание со поддршка од сите политички партии, вклучително и од невладини организации, во една транспарентна постапка којашто се сметаше за пример за начин на избор на членови на вакви независни тела“ – додаде Андоновски.

Министерот потенцираше дека случајот со антокорупционерката Димитровска и нејзиното споделување на информации со засегнати страни го истражува Обвинителството и не сака д акоментира. Само додаде дека законски е регулирано какви информации преку дигитални канали можат да споделуваат институциите што се финансираат од државата.

Реклама

„Сите информации односно документи и податоци коишто се достапни за јавноста, во смисла не се класифицирани со некој степен на доверливост, можат да се споделуваат преку дигитални канали … кога се работи за класифицирани информации, тие се споделуваат на начин кој е утврден за Законот за класифицирани информации во специјално утврдена постапка. Доколку се работи за некој класифициран документ, има точно определено кои лица смеат да пристапат до истиот, со кој степен на доверливост“ – рече Андоновски.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пак истакна дека поседувањето дипломатски пасош на Димитровска не и носи автоматски имунитет и не може да влијае врз истрагата. Тој додаде дека, иако постои презумпција на невиност, од морални и етички причини Димитровска треба да си поднесе оставка.

Доколку самата не се реши да ја напушти функцијата, правна можност за разрешување има Собранието. Според законите, претседател на ДКСК може да биде разрешен и во случај кога биде осуден правосилно на казна затвор од најмалку 6 месеци. Друга можност за разрешување е, доколку има изречено забрана за вршење професија, што е всушност мерката на судот за Димитровска, или стори повреда на етичкиот кодекс на ДКСК.

Димитровска на екс директорот на ТЕЦ Неготино кој е обвинет во случајот „Адитив“ од мај до декември лани преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp го информирала околу поведените постапки против него и соучесниците. За случајот „Адитив“ со претходно 31 обвинет и пет фирми веќе има поднесено обвинение.