Бројот на електронски услуги на националниот портал е зголемен од 120 на 360, а на платформата за интероперабилност се поврзани 95 институции – изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оценувајќи дека следниот предизвик е поголемото користење на веќе дигитализираните услуги од страна на компаниите и граѓаните.
Говорејќи на панел-дискусија во рамките на настан на Светската банка за претставување на новиот извештај за раст и работни места во Македонија, Андоновски истакна дека напредокот во дигитализацијата не треба да се мери само преку бројот на достапни услуги, туку и преку нивната реална примена и ефектите што ги носат за граѓаните и стопанството.
– На националниот портал за електронски услуги го зголемивме бројот од 120 на 360 електронски услуги, а на платформата за интероперабилност, која овозможува меѓусебна комуникација и размена на податоци, од 60-ина стигнавме до 95 поврзани институции. За компаниите дигитализиравме десетина од најкористените услуги, кои самите ги посочија како потребни, меѓу кои потврдите за неосудуваност на правни лица и разни изводи – рече Андоновски.
Тој нагласи дека паралелно со развојот на дигиталните услуги потребно е да се зголеми и нивната употреба. Како пример ги наведе услугите поврзани со извозот на вино и тутун, каде што, и покрај можноста постапките да се завршат електронски и значително побргу, некои од компаниите и натаму избираат да ги користат шалтерските услуги.

– И кога ќе дигитализираме услуга што од 10 до 20 пати го скратува времето потребно за една компанија, таа повторно избира да користи шалтер. Потребно е да создадеме екосистем, кој навистина ги користи услугите што се достапни – истакна министерот.
Андоновски се осврна и на поддршката за дигитална трансформација на бизнис-секторот преку двата европски дигитални иновациски хаба, ИНО-ФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, предводени од ФЕИТ и ФИНКИ и поддржани од државата и Европската Унија. Според него, преку овие конзорциуми компаниите добиваат бесплатна помош за процена на нивото на дигитална зрелост, изработка на патоказ за дигитализација и тестирање технолошки решенија.
– Целта е фирмите да знаат што им е потребно за целосно да се дигитализираат. Овие услуги се бесплатни и имаат простор за многу поголема искористеност. Мораме заедно да го чекориме овој пат, државата, компаниите и граѓаните – рече Андоновски.
Тој најави и дека се работи на софтверот САМИС за управување и распределба на државната помош, кој треба да обезбеди поголема транспарентност во процесот на доделување средства.
– Веќе работиме на софтвер за распределување на државната помош, САМИС, за транспарентно да знаеме каде оди државната помош, како се добива, за што служи и како се известува за неа. Работиме на софтвер преку кој ќе може јасно да се следи каде оди државната помош, како се добива, за што се користи и како се известува за неа. Очекуваме системот да биде завршен до средината на следната година – рече министерот.
Министерот Андоновски додаде дека во наредниот период фокус ќе биде ставен и на дигитализацијата на Управата за јавни приходи, која, како што рече, е едно од најчестите барања на бизнис-заедницата, а целта е да се овозможат побрзи и поефикасни услуги за компаниите.

