Осомничените кои сакаa да ја запалат Синагогата во Скопје се продолжена рака на Исламската држава. Такви се индициите на Агенцијата за национална безбедност, од каде велат дека уапсените имале логистичка мрежа и припаѓале на радикална групација идеолошки надоврзана на мрежата на Исламската држава. Групата преземала радикални и криминални активности непосредно по повикот на Исламска Држава на почетокот на април, коja билa под око на безбедносните служби.
- „..од страна на Агенцијата се прибраа информации и беа идентификувани лица – најверојатни извршители и нивна логистичка мрежа, како и повеќе објекти во Скопје, кои според нашите индиции, како дел од радикална групација идеолошки надоврзани на глобалната мрежа на Исламска држава, непосредно по повикот на споменатата терористичка организација од почетокот на април, презедоа насилни активности“ соопштија од Агенцијата за национална безбедност.
Претходно од полицијата, соопштија дека уапсени се седуммина за палањето на еврејскиот објект, а двајца ќе се гонат за тероризам, и тие веќе се во притвор. Биле направени претреси на 13 локации во Скопје, а одземени се мобилни телефони и комјутери.
- „Поднесена кривична пријава против А.Љ (21) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394-б и А.Р. (38) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394-б од КЗ во врска со член 24 од КЗ, а од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор“.
По инцидентот на 12 април во раните утрински часови осуди и барање за брзо расветлување на случајот пристигнаа од сите страни. Тоа го побара и израелската амбасадорка во Скопје, Вивиен Аисен.

Верските лидери во Македонија оддржаа и заедничка прес-конференција и го оценија настанот како директен удар врз мирот, стабилноста и соживотот кои со векови се негуваат на македонска почва.
