Министерот за здравство, Азир Алиу потпиша Меморандум за соработка со Vision Academy, со цел унапредување на капацитети и развој на иновативни решенија во здравството.
На средбата, како што соопшти МЗ, бил присутен и турскиот амбасадор Фатих Улусој, а со Меморандумот се воспоставува рамка за институционална соработка насочена кон развој на човечки ресурси, примена на современи технологии и поддршка на процесите за модернизација на здравствениот систем.
– Водени од потребата за заедничко дејствување и размена на знаења, ја продлабочуваме соработката, а ова партнерство претставува важен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив здравствен систем. Убеден сум дека преку оваа соработка ќе обезбедиме подобро едуцирани кадри, иновативни решенија и поквалитетни услуги за граѓаните, потенцирал Алиу.

Од МЗ наведуваат дека во фокусот на соработката е дигиталната трансформација на здравството. Преку заеднички активности и проекти ќе се работи на унапредување на ефикасноста, транспарентноста и квалитетот на здравствените услуги, со користење на современи дигитални алатки и технологии.
-Министерството за здравство останува посветено на градење партнерства со релевантни образовни и технолошки институции, како значаен предуслов за долгорочен развој и унапредување на здравствениот систем – се додава во соопштението.
