Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Психијатриската болница „Негорци“ – Гевгелија по повод извршена целосна реконструкција на одделението за хронично болни.

– Здравствената инфраструктура е еден од столбовите на системот и затоа се залагаме за унапредување на инфраструктурата и подобри услови за лекување и третман на пациентите. Реконструкцијата во Психијатриската болница „Негорци“ опфати целосна обнова на покривната конструкција, комплетно нови врати и прозорци, репарирање на изолациската фасада. Извршена е и целосна внатрешна реконструкција, реновирање на бањите и санитарните јазли, како и поставување соларни колектори и затоплување вода со помош на обновливи извори на енергија. Со оваа инвестиција се овозможени поквалитетни услови за сместување на пациентите – истакна министерот Алиу при посетата.

Директорот на установата, Сашко Стојиловски, посочи дека станува збор за објект со површина од 550 квадратни, а вкупната вредност на инвестицијата е над 16 милиони денари.


– Овој проект чекаше за реализација речиси седум години, а во изминатите години сите забелешки од меѓународни институции беа адресирани на условите од ова одделение. Заеднички со Министерството за здравство направивме напори за изработка на проектот и реализација, со што ги подигнавме на повисоко ниво стандардите за третман во нашата установа – рече Стојиловски.
