Реклама
Македонија

Ако законот за прекршоци помине следна недела во собрание, од 1-ви февруари стартува „Сејф Сити“

Проектот „Безбеден град“ влегува во завршна фаза, а политичките разлики околу измените…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Проектот „Безбеден град“ влегува во завршна фаза, а политичките разлики околу измените на Законот за прекршоци се усогласуваат. Вчера во Собранието се одржа и состанок на координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за расчистување на техничките детали. Премиерот Мицкоски најавува дека измените ќе се гласаат на следната седница, а системот ќе стартува од 1 февруари.

Мицкоски потврди дека дел од прашањата кои ги отвори ДУИ околу законските измени биле разрешени на техничко ниво, а во координацијата учествувал и министерот за внатрешни работи преку телефонски повик поради негово отсуство од земјата. Според премиерот, со тоа се отстрануваат пречките за изгласување со двотретинско мнозинство, без примена на Бадинтер.

„Тоа што беше договорено на лидерската средба, беше безусловно кажано дека ќе биде поддржано. Беше споменато дека постоеле некои амандмани, за што потоа во разговор со министерот за внатрешни работи, беше констатирано дека такви амандмани не постојат. Но, и покрај тоа, се договоривме… на ниво на координатори на пратенички групи да има состанок и сите тие нејасни теми да бидат разјаснети. Таков состанок… се случи… беа разјаснети сите нејасни работи и очекувам Законот за прекршоци веќе на следната собраниска седница да помине.“

Реклама

Премиерот додаде дека доколку Законот биде усвоен во предложената форма, системот „Безбеден град“ ќе почне да функционира без одложување од 1 февруари. Тој повторно повика темата да не биде злоупотребена на партиско ниво, нагласувајќи ја важноста за јавната безбедност.

„Јас во една прилика кажав дека ако се спореди декември месец на територијата на градот Скопје 2025 година со истиот месец 2024 година, ќе дојдеме до заклучок дека имаме нула жртви… а истиот месец во 2024 година имаме пет. Тоа значи нула и пет. Јас им благодарам на граѓаните кои го почитуваат овој проект и очекувам да бидат спасени многу човечки животи. Затоа не очекувам политичко калкуланство кога станува збор за човечкиот живот.“

Во врска со најавената тет-а-тет средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот не даде конкретен термин. Сепак, тој потврди дека комуникацијата со сите парламентарни фактори продолжува.

Јас во моето редовно политичко функционирање се среќавам со лидери на политички партии, така што, во рамките на тие средби претпоставувам дека ќе се сретнам и со господинот Ахмети, рече Мицкоски.

Премиерот очекува измените да бидат изгласани со двотретинско мнозинство на следната седница, со што ќе се создадат услови за старт на „Безбеден град“ на почетокот од февруари.