Аеродром влегува во втор круг, каде ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе си ги измерат силите за градоначалничкото место во оваа скопска општина, која често важи за политички показател на расположението во главниот град. Екологијата и локалната инфраструктура преовладуваат во кампањата – и двата кандидати понудија свои решенија.
Актуелниот градоначалник, Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ, кампањата ја води со идеја да продолжи таму каде што застана. Неговите најави вклучуваат изградба на гасна когенеративна централа, воведување парно греење во Лисиче, поставување фотоволтаици на секоја зграда и куќа, како и изградба на нов спортски центар на кејот на Вардар. Предвидува и засилување на инспекциските служби за да се спречат нови диви депонии.
На митингот одржан во општината, Митески се заблагодари на граѓаните за довербата. Поддршката од владата и од лидерот на партијата ја истакна како клучна за понатамошниот развој на Аеродром. Најави дека во следните четири години, со соработка меѓу локалното и централното ниво, ќе се реализираат уште повеќе проекти – со една цел: Аеродром да стане уште подобро место за живеење. Упати и директен повик за масовен одзив на 2 ноември, кога се одржува вториот круг.

Од спротивниот табор, Александар Трајановски од СДСМ вети дека ќе го врати Аеродром на граѓаните преку поинаков пристап – со повеќе ефикасност, дигитализација и отчетност. Според него, општината мора да стане функционална, транспарентна и во служба на секој жител.
Во својата програма, Трајановски најавува реформа на јавните претпријатија, целосна дигитализација на услугите, намалување на времето за добивање документи, како и создавање онлајн платформа за директно учество на граѓаните. Ветува и јавен увид во буџетот, отворени денови со градоначалникот и советниците, како и нов дигитален систем за пријавување проблеми и предлози. Како новитет во здравството, предвидува локален парамедицински сервис – поради долгото чекање на итната помош.
Вториот круг во Аеродром ќе покаже – дали граѓаните сакаат континуитет и продолжување на веќе започнатите проекти, или ќе дадат шанса за нов почеток со поинаков пристап.
Во првиот круг со предност влегува Дејан Митески кои освои 49,11% од гласовите. Противкандидатот Александар Трајановски се обидува да ја надомести разликата, освои 20,78% од гласвоите.
