Историски темели: колективна визија и урбан симбол
Во првата половина на 20 век, Куманово се оформува како значаен занаетчиски центар, каде еснафот има клучна улога не само во економијата, туку и во културниот и општествениот живот. Токму во таков контекст се раѓа идејата за изградба на Занаетчискиот дом, простор што ќе ги обедини занаетчиите и ќе служи како центар на заедницата. Како што посочува историчарката и директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Живачки, иницијативата започнува уште во 1923 година со формирање фонд, а веќе следната година започнува организирана акција за прибирање средства.

-Финансирањето се реализирало преку месечни членарини, доброволни прилози, завештенија, како и преку организирање културно-забавни манифестации. Со значаен придонес на поединци како Теодос Маневиќ и Миле Стојковиќ – Јанковиќ, објектот бил изграден во центарот на градот и свечено отворен во ноември, 1930 година. Освен што бил функционален, Занаетчискиот дом имал и силна симболична вредност- објаснува Живачки.


Таа потенцира дека станува збор за пример на силна граѓанска иницијатива и еснафска солидарност. Објектот бил изграден во центарот на градот и свечено отворен во ноември, 1930 година. Со својата архитектонска монументалност и симетричен израз, Занаетчискиот дом станува еден од најрепрезентативните јавни објекти од меѓувоениот период.
-Во архитектонска смисла се одликува со монументалност и симетрија, што го вбројува меѓу најрепрезентативните јавни објекти од меѓувоениот период. Во јавноста дури се појавува и споредба со Нотр Дам, како израз на неговата впечатливост-посочува Живачки.
Во првата половина на 20 век, Куманово се развива како значаен занаетчиски центар, каде еснафот има суштинска улога во економскиот, но и во културниот живот. Во таков амбиент започнува иницијативата за изградба на Занаетчискиот дом, простор што ќе ги обедини занаетчиите и ќе служи како место за јавни, образовни и културни активности.
Моменталната состојба – помеѓу заштитата и функцијата
Денес, Занаетчискиот дом има статус на споменик на културата од локално значење и е под надлежност на Општина Куманово. Дел од објектот е во сопственост на државата, додека поголемиот дел, вклучително и деловните простории, се општински. Секретарот на општината Емилија Сларидис Јаневска вели дека објектот во моментов е функционален и во употреба.
-Објектот е во функционална состојба, секојдневно се одржуваат културни настани и манифестации. Дел од просторот се користи за канцеларии, а салата и за венчавки-вели Сларидис Јаневска.

Во изминатите години се реализирани одредени реконструктивни зафати, особено во 2016 година, додека во тек е адаптација на поранешните простории на Државниот архив.
-Автентичноста на објектот ќе биде задржана, а во внатрешноста се врши модернизација на инсталациите и приспособување за поголема функционалност-изјави, Сларидис Јаневска.
Во меѓувреме привршува реконструкцијата на внатрешноста од Занаетчискиот дом во Куманово во поранешниот архив. Внатрешноста на просторот се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт, бидејќи се работи за објект од посебно значење за градот, споменик на културата, со претходно издадени конзерваторско одобрение, укажаа од секторот за урбанизам од општина Куманово. Тие појаснуваат дека автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводната и електричната инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

Претходно, во 2016 беше санирана внатрешноста на објектот, трите ката преку проект на Центарот за развој на североисточниот плански регион и преку средства обезбедени од општината. Со приближно 20 милиони денари се санираше внатрешноста, се менуваше столаријата, изолацијата, затоплувањето, се заменија санитарните јазли, електричната инсталација.

Сепак, и покрај тековните активности, за оваа година не се предвидени буџетски средства за нова реконструкција, а идните интервенции зависат и од аплицирање на национални и меѓународни фондови.
Занаетчискиот дом останува сведоштво за едно време кога заедницата самостојно создавала инфраструктура за сопствен развој. Денес, предизвикот е како тој дух да се пренесе во современи услови. Објектот не е заборавен, тука се одржуваат бројни манифестации, се реализираат изложби, предавања, сместена е Фондацијата за култура и спорт. Во таа смисла, Занаетчискиот дом останува отворена можност, простор во кој минатото и иднината можат да се сретнат, доколку се најде соодветен баланс меѓу заштитата, функцијата и јавниот интерес.
Перцепција и предизвици: меѓу минатото и иднината
Дел од јавноста го доживува како симбол на минатото, додека други гледаат потенцијал за негова трансформација. Од аспект на занаетчиите, објектот има многу подлабоко значење. Според претседателот на регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији, станува збор за простор што ја надминува својата архитектонска вредност.

-Занаетчискиот дом не е само објект, тој е симбол на вредности, работа, дисциплина, квалитет и чесно заработување. Тој треба да остане „храм“ на занаетчиството, но и место каде се гради иднината – вели Фазлији.
Тој посочува дека дел од младите не го препознаваат домот како релевантен, што, според него, е резултат на недостиг од активна содржина.
-Ако младиот човек не гледа програма, обука или можност, нормално е домот да му изгледа како приказна од минатото – оценува Фазлији.
Потенцијал за трансформација во „дом на знаење“
Занаетчиите предлагаат домот да се трансформира во современ центар за едукација и развој, место во кое младите ќе добијат менторство, обука и конкретна поддршка за започнување сопствен бизнис. Таквиот концепт подразбира обуки, работилници, изложби, но и поврзување на образованието со практиката и локалната економија.

Од општината, пак, најавуваат дека во иднина се планира поголема вклученост на јавноста во креирањето на намената на објектот, вклучително и можни јавни консултации.
Занаетчискиот дом во Куманово останува редок пример на објект создаден од заедницата за заедницата. Занаетчискиот дом има потенцијал да стане повеќе од простор што се користи повремено, наменет за младите кои ќе можат да добијат информации, обука, менторство и поддршка за развој на сопствен бизнис.

Во таа насока, веќе постојат одредени иницијативи, како користење на дел од просторот за промоција на локални производи, но за поширока трансформација ќе биде потребен појасен концепт и координација меѓу институциите и засегнатите страни.
Дополнителен потенцијал има и во поврзувањето со туризмот. Преку изложби, сувенирници, презентации и тематски настани, Занаетчискиот дом може да стане препознатлива точка во градската понуда, дел од поширока културна рута што ги обединува значајните објекти во Куманово.

Потребна е засилена соработка помеѓу Општината како сопственик, Комората како носител на стручно знаење, образовните институции како база за млади кадри и културниот сектор како креативен двигател. Архитектонски, објектот се издвојува со монументалност и симетрија, што го позиционира меѓу репрезентативните јавни градби од меѓувоениот период по кои градот е препознатлив. Во јавноста дури се правеле и симболични споредби со катедрални објекти, што зборува за неговата визуелна и културна тежина во урбаниот пејзаж.

Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните белези на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. На иницијатива на занаетчискиот еснаф, во декември 1923 година била донесена одлука за активирање на фонд за изградба на домот. Камен темелник на занаетчискиот дом бил поставен при крајот на мај 1930 година, во време на светската економска криза. Објектот бил изграден за шест месеци, а свечено бил пуштен во употреба на 21 ноември 1930 година, за што била организирана свеченост.
