По повод Денот на планетата Земја, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска реализира акции за засадување дрвца на две локации во Скопје – во Гинеколошко-акушерската болница во Чаир и во детската градинка „Фидани“.
Како што информираа од Министерство за животна средина и просторно планирање, едно дрвце беше засадено во чест на сите деца родени на 22 април испраќајќи симболична порака дека секое новороденче има право на чиста и здрава животна средина. Акцијата продолжила и во градинката „Фидани“, каде што заедно со децата била нагласена важноста од градење еколошка свест од најрана возраст.
Министерот Хоџа истакнал дека климатските промени и загадувањето не се прашања на иднината, туку предизвици со кои општеството се соочува денес.

Тој нагласил дека Министерството континуирано работи на системски решенија – од транзицијата кон зелена енергија до мерки за квалитет на воздухот и управување со отпад.
Воедно, Хоџа упатил апел до институциите, бизнис-секторот и граѓаните активно да се вклучат бидејќи трансформацијата кон одржливо општество бара мобилизација на сите нивоа.
– Немаме резервна планета. Ова е нашиот единствен дом – порача Хоџа.
