Реклама
Македонија

Љутков: Народ што чита, не може лесно да се манипулира, народ што размислува, не може лесно да се подели

Народ што чита, не може лесно да се манипулира. Народ што размислува,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Народ што чита, не може лесно да се манипулира. Народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне. Живееме во време на брзина, на површност, на информации што доаѓаат и исчезнуваат во секунди. Во таквиот свет, книгата е чин на отпор. Да седнеш и да читаш значи да одлучиш да мислиш, да одлучиш дека вниманието е вредност, дека тишината има смисла, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во обраќањето по повод почетокот на годинашниот 38. Саем на книгата во Скопје.

Како што истакна Љутков, оваа манифестација ги слави зборот како темел на културата, мислата како двигател на општеството и книгата како простор во кој секоја идеја пронаоѓа свој живот. 

– Денес отвораме нов простор, простор на мислата, на имагинацијата, на слободата. Мотото на овој скопски Саем на книгата 2026, „Отвори прозорец кон нови светови“, воопшто не е метафора. Тоа е повик. Повик да се надминат границите на секојдневието, да се напушти удобноста на познатото и да се зачекори во неизвесноста, таму каде што започнува вистинското знаење. Книгата е најтивката револуција што човештвото ја познава. Таа не вика, не урива, не бара дозвола, но менува сè. Почитуваниот Умберто Еко еднаш ќе забележи: „Кој чита, живее илјада животи пред да умре.“ А оној што не чита, останува затворен во еден. Прашањето е: Колку светови сме подготвени да отклучиме? Во наредните седум дена, повеќе од 60 издавачки куќи ќе понудат над 130 нови наслови и автори. Тоа не се само бројки, тоа се 130 нови можности да размислуваме поинаку, да чувствуваме подлабоко, да разбереме пошироко. Со присуството на гости од Чешка, Холандија, Исланд, Италија и од САД, овој саем станува вистинска раскрсница на култури, а кога културата се вкрстува, таа се умножува, рече министерот.

Реклама

Според него, овој саем не е само можност за авторите, ниту празник за издавачите, туку му е посветен на читателот.

– Овој саем му е посветен на тивкиот, често невидлив херој без кој ниедна книга нема да заживее, бидејќи книгата не постои додека не биде прочитана. Таа е потенцијал што станува вистина во рацете на читателот. Mојата порака денес е едноставна, но суштинска: Отворете го прозорецот. Не само за нови светови, туку и за нови идеи, нови перспективи, нови прашања. Не плашете се од книгите што ве предизвикуваат. Токму тие се најпотребни. Книгите не се украс на времето, тие се негов судија. Секој збор што ќе го сретнете овде има тежина: да помести, да разниша, да ве натера да се соочите со себеси. Затоа излезете одовде со немир, со мисла што ќе ве следи подолго од денот, со прашање што нема веднаш да најде одговор, со потреба да создадете, да кажете, да промените, зашто зборот има моќ само кога не останува на хартија, кога станува став, избор, дејство. Нека почне она што трае, потенцира Љутков.

Саемот за официјално отворен ќе го прогласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Саемот на книгата се одржува во арената „Борис Трајковски“, а ќе трае до 29 април. Неговото отворање годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.  Во текот на седумте саемски денови организаторите очекуваат 30 000 посетители, повеќе од 130 промоции на наслови и автори, како и присуство од над 60 издавачки куќи, но и гости од земјава и од странство. Најавена е богата програма со специјални попусти и промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници.

Работното време на Саемот на книга е од 10 до 20 часот. Со секоја купена редовна влезница за саемот ќе бидат донирани  средства на СОС Детско село. Влезниците се достапни и онлајн на: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2026.nspx

Саемот на книга и оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам.