Европа е на раскрсница – дали ќе продолжи само да реагира на кризите, или ќе почне да води.
Од Виена, премиерот Христијан Мицкоски испрати порака дека времето на декларации изминува, а доаѓа време кога одлуките ќе ја одредуваат иднината на континентот.
Во услови на безбедносни предизвици, енергетска неизвесност и економски турбуленции, според него, разговорот за инвестиции, трговија и развој не е само техничко прашање – туку прашање за тоа каква Европа ќе се гради во иднина.
„Има моменти кога Европа мора да избере дали ќе реагира или ќе води. Денес сме токму во таков момент. Живееме во време на преиспитување. Време кога сигурноста не се подразбира, кога енергијата станува политика, а економијата станува прашање на опстанок. Во такви околности зборовите имаат помала тежина од одлуките… Нашиот предлог е јасен – да градиме економија што создава, а не само троши. Да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност. Да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност.“ – вели Мицкоски.

Покрај пораките за европската иднина и економското партнерство, во фокусот на прес-конференцијата беше и енергетската криза предизвикана од конфликтот на Блискиот исток.
Австрискиот канцелар посочи дека Виена веќе реагирала со конкретни мерки – преку парламентот, со двотретинска поддршка, биле намалени даноците за бензинот и дизелот, а ограничени биле и маржите на нафтените компании, со цел никој да не профитира од кризата.
„Воведовме кочница на цените на горивата во парламентот со двотретинско мнозинство. Од една страна, данокот за бензинот и дизелот ги намаливме, но и маржите на нафтните фирми ги ограничивме. Значи, непропорционалното зголемување се спречува и ќе се става граница. Целта е јасна – сакаме ниту државата, ниту претпријатијата да бидат профитери од оваа криза, вели австрискиот канцелар.
Мицкоски, пак, порача дека Македонија засега успева да го амортизира ценовниот удар и да ја задржи стабилноста на домашниот пазар. Тој посочи дека државата е меѓу водечките во Европа со мерки за справување со кризата, а во регионот има и најниски цени на горивата.
„Убедливо имаме најниски цени на дизел горивото и безоловните горива во регионот и тоа ни создава еден мал предизвик… притисокот кој што го имаме од граѓаните на соседните земји го зголемува конзумот за триесет проценти. Но ние и покрај овие предизвици не одлучивме да воведеме забрана… бидејќи сега се тешки времиња и во овие тешки времиња не сме никој непринципиелно да профитира.“, вели премиерот.
Двајцата соговорници ја потенцираа и економската димензија на односите меѓу двете земји. Австрија останува еден од најважните партнери за Македонија, а заедничката порака од Виена е дека простор за продлабочување на соработката има – од инвестиции и инфраструктура, до енергетика, туризам и поширока економска интеграција.
Мицкоски пред претставници на стопанските здруженија на двете држави ги претстави и можностите за нови инвестиции и продлабочување на соработката меѓу австриските и македонските компании.
