Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Вашингтон, учествуваше и се обрати на настан организиран од Атлантскиот совет, посветен на трансатлантските приоритети на Македонија.
Во своето обраќање, како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ги истакнал клучните надворешнополитички приоритети на државата нагласувајќи ја посветеноста кон зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, како и активната улога на државата како доверлив безбедносен партнер во рамките на НАТО и регионот.

Тој се осврнал и на напорите за унапредување на економската соработка, вклучително и тековните иницијативи за продлабочување на билатералните трговски односи со САД.

Во контекст на европската интеграција Муцунски ја реафирмирал стратешката определба на Македонија за членство во Европската Унија, при што укажал на предизвиците поврзани со билатералните прашања и ја нагласил потребата од кредибилен и предвидлив процес на проширување.

Дополнително, биле потенцирани приоритетите за зајакнување на регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан, како и значењето на трансатлантското партнерство во справувањето со современите безбедносни и геополитички предизвици.
Настанот се одржал во рамките на иницијативата Balkans Forward на Атлантскиот совет, со учество на претставници од политичкиот, академскиот и аналитичкиот сектор.
