Никој не може да му ја промени мерката куќен притвор на Артан Груби со која го почастија обвинителството и судот. Единствен начин тој да се врати во „Шутка“ е ако самиот не ја испочитува мерката, односно да го напушти домот, да врши притисок врз сведоци или едноставно повторно да избега… Дури тогаш виш јавен обвинител може да се жали до Апелација за да му се врати ефективниот притвор. Другата можност која постои, е одбраната да бара од апелациските судии да му се укине и куќниот, па да биде само под мерки на претпазливост. Советот на јавните обвинители се иззема од тоа дека тие можат да влијаат врз одлуката за куќниот притвор на Груби. Претседателот Башким Бесими тврди – и да расправаат, одлука може да донесат само по жалби.
- „Ние може да расправаме, треба пак Републичкото и има виш јавен обвинител,ги следи работите по конкретен предмет“ рече Башким Бесими – Претседател на Совет на јавни обвинители.
Бесими не сакаше да ги коментира прозивките од министерот за правда Игор Филков велејќи дека тоа е негов личен став, но не било во ред да ги прозива со име и презиме обвинителот и судијата кои одлучија за куќниот притвор на Груби.
И Анастасовска Јошевска од Судскиот совет му врати на Филков дека судијата не може да донесе построга мерка од таа што ја бара обвинителот.

- „Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“ напиша Јошевска Анастасовска – член на Судскиот совет.
Професорот Јове Кекеновски не се согласува дека судијата немал друга опција освен да го прифати барањето. Тој смета дека согласно членот 144 од ЗКП, судијата сепак имал можност да одбие намалување на мерката доколку обвинителот не достави нови околности што убедливо го елиминираат ризикот од бегство.
- „Игнорирањето на овој процесен контекст ја прави тезата за „неможност“ (судија на претходна постапка „НЕ СМЕЕ“ да изрече притвор ако обвинителот предложил куќен притвор) правно неодржлива. Апсолутната формулација „НЕ СМЕЕ“ нема експлицитна законска поткрепа. Кога ваква поедноставена и неточна правна интерпретација се изнесува од член на Судскиот совет (орган што ја гарантира независноста и стручноста на судството) тоа не е само прашање на институционална воздржаност, туку и на лична одговорност за јавно изнесен правен став што создава погрешна перцепција за основни правила накривичната постапка“, вели проф. д-р Јове Кекеновски.
Здружението на јавните обвинители пак апелира до политичките партии и функционери да го почитуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од реторика што ја нарушува самостојноста на обвинителите, особено по коментарите за мерката куќен притвор во предметот „Државна лотарија“.
Од Здружението порачуваат дека немаат овластување да ги коментираат конкретните одлуки, но имаат право и обврска да ја штитат независноста и професионалниот интегритет на јавните обвинители.
Инаку, Груби уште еднаш го посети обвинителството со бранителите за да прави увид во доказите со кои се товари за проневера во службата.
Сомнежите се за штета од над осум милиони евра со набавката на ВЛТ апарати за Лотарија.
