Реклама
Економија

Мицкоски: Очекувам проблемот со превозниците да се реши, од септември се разговара со Европската Комисија

Премиерот Мицкоски очекува проблемот на транспортерите кои ги блокираат граничните премини веќе…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Премиерот Мицкоски очекува проблемот на транспортерите кои ги блокираат граничните премини веќе втор ден да се реши. Тој вели дека интензивни разговори има уште од септември, а задолжен за ова прашање е министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Мицкоски планира за работата на превозниците да разговара на највисоко ниво, со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

-Очекувам ова да се реши. Вчера побарав телефонски разговор со претседателката со Европската комисија, службено е отсутна во Индија, очекувам деновиве повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот да ја ставиме оваа тема маса. Ние бараме варијанта како да излезе во пресрет на транспортерите, вели Мицкоски.

Превозниците и денеска го блокираа товарниот сообраќај на граничните премини со цел да алармираат дека новите европски правила за електронска регистрација за влез и излез во Шенген зоната не се применливи за нив и ќе создадат проблеми не само во транспортниот сектор, туку и во целата економија. На нивниот протест, ако не се најде решение за меѓународниот транспорт,  ќе се приклучат и автобуските превозници , најавија од асоцијацијата „Исток“. Тие велат дека ударот врз туризмот и малите бизниси би можел да биде огромен, ако се знае дека Македонците патуваат на кружни тури низ регионот и Европа, а во земјава влегуваат по 100 илјади странски туристи кои ги опслужуваат превозниците и туристичките агенции.

Реклама

Ограничувањето на движењето на возачите не само што го попречува нивниот ангажман, туку предизвикува последици и врз фирмите и граѓаните, а ќе доведе до длабоки економски последици, намалување на приходите во туризмот, затварање многу фирми и мали бизниси, губење работни места, намалена конкурентност на нашите компании за превоз, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството со огромно нарушување на туристичките, економските и трговските текови – велат од Асоцијацијата „Исток“.

Пратеникот Антонио Милошоски вчера побара од Кипар, проблемот на превозниците  да се реши во текот на 6-месечното претседателство по теркот на иземањето од правилата на персоналот во авионите, возовите и бродовите. Активен во преговорите е и Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој веќе имаше разговори со министерот за транспорт на Грција, а планира да разговара и со неговите колеги од Хрватска и Бугарија. Според него, Унијата може да прифати три решенија: да се пролонгираат правилата за трансортерите, да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во Шенген-зоната на најмалку на 250 дена или пак тие да се прифатат како професионалци. преку посебни правила или преку работни визи. Инаку , државите членки на Унијата веќе ги бројат штетите од само еден ден блокади на границите. Мал дел од бугарските превозници ги откажуваат патувањата во Унијата поради затворањето на западните граници кон Македонија и Србија, а оние што возат кон Романија имаат значително поголеми трошоци. Товарниот транспорт ќе биде блокиран на границите 7 дена, додека превозот на патници се одвива без проблеми.