Реклама
Македонија

Исполнети реформи, затворена врата: Бугарското вето ја држи Mакедонија надвор од ЕУ

Македонија е подготвена за преговори, некои кластери дури и целосно се исполнети…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија е подготвена за преговори, некои кластери дури и целосно се исполнети за влез во Унијата, единствено – Софија останува кочничар. Дел од експертите велат – на институционално, регулаторно и економско ниво, Македонија ја заврши поголемата работа. Техничките реформи се на место, законите се усогласени, економијата е интегрирана, а според европските индикатори државата не заостанува зад Албанија, Србија или Црна Гора. Но и покрај тоа, ниту првата меѓувладина конференција не е одржана, а Брисел и натаму молчи. Причината не е во внатрешната подготвеност на земјата, туку во билатералната блокада од Софија, која од прашање на јазик и историја направи европско прашање.

Во такви услови, поранешниот амбасадор Ивица Боцевски смета дека Македонија треба да ја користи секоја европска алатка за продлабочување на интеграциите -економски, регулаторни, па дури и политички -бидејќи 80% од трговската размена е со ЕУ, што ја прави земјата дел од единствениот европски пазар.

Тој оценува дека пристапот треба да биде „и-и“ – и интеграција во делови, и барање на полноправно членство — но без прифаќање на уцени, бидејќи добрососедство не значи еднострана отстапка, туку взаемност. А додека Софија, како што вели, не пристапи со добра волја, нема услови за суштинско приближување.

Реклама

„Јасно е дека не постои таква работа, односно единствената пречка зашто Македонија не ги почнува преговорите е бугарското вето. Ништо повеќе. … Се разбира дека дел од нашата политичка борба понекогаш е да го направиме црното бело или белото црно. Меѓутоа Македонија, благодарение на работата на многу администрации -независно дали тие администрации ги водел ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, некогашната моќна ДПА, сегашната коалиција „Вреди“ -Македонија во делот на европската интеграција не заостанува ниту кон Црна Гора, која што формално е најнапредна, ниту кон Албанија, ниту кон Србија која има 22 поглавја отворени.“ – вели ИВИЦА БОЦЕВСКИ – ПОРАНЕШЕН АМБАСАДОР.

Но иако Македонија функционира како де факто придружник на европските политики, во Брисел нема отворање на кластерите. За поранешниот дипломат Ристо Никовски, причината не е во Уставот – туку во преговарачката рамка, каде што бугарските историски барања се претворија во европски услов.

Тој го посочува вториот протокол од јули 2022 година, познат како дел од „францускиот предлог“ -документ кој практично ги внесе бугарските историски позиции во европскиот процес. Според него, додека овој протокол важи, напредок не постои, бидејќи не зависи од реформски критериуми, туку од исходот на комисија за историја -сфера во која Софија не попуштила три децении. И Никовски смета дека на другите полиња Македонија е спремна за отварање кластери.

„Апсолутно. Апсолутно, Македонија можеше – не само сега – можеше и пред 5–10 години да почне преговори, да биде веќе членка. Меѓутоа знаете, причината за нашето блокирање не е ниту во Софија, ниту во Атина. Причините се многу подлабоки, многу пошироки. Се работи за меѓународен интерес кој не соодветствува со македонските интереси. Бидејќи на маса повторно е ‘македонското прашање’. И интенцијата на меѓународниот фактор е тоа да се затвори.“ – вели РИСТО НИКОВСКИ – ПОРАНЕШЕН АМБАСАДОР.

Македонија останува единствената држава во регионот блокирана со билатерално вето, иако е подготвена да влезе во следната фаза на европската интеграција. Последните случувања со акцискиот план и формулацијата „јазик достапен за граѓаните“ повторно го актуелизираа идентитетскиот спор со Софија. Затоа Владата бара гаранции од Брисел дека по уставните измени нема да следат нови блокади, бидејќи – како што оценуваат аналитичарите – барањата на Бугарија очигледно не застануваат на Уставот.